На клоци сите обиди за наше одмакедончување

Со најновиот нонпејпер за наводно надминување на спорот со Бугарија, намерата е Македонија целосно национално и идентитетски да се обезличи. Да се одмакедончиме. Да ни се наметне концепт што од унитарна држава, со своја посебна историја, свој јазик, идентитет, култура, традиција и слично ќе нѐ спушти на ниво на дуализми, на некакви федеративни елементи, што на крајот ќе резултира со расцеп и распад на државата. Затоа сите вакви документи или пробни балони мора уште веднаш да се отфрлат и осудат

Каде што има чад, таму има и оган. Оваа народна мудрост не случајно се употребува за ситуации кога нешто се навестува, предлага, подметнува и пушта како пробен балон или кукавичино јајце од разни извори, а потоа се обвистинува и станува нечија реалност. Барем Македонија има болни и горки искуства во однос на овие прашања. Токму затоа, оваа поговорка предупредува на претпазливост, особено кога се работи за идентитетските прашања и заштитата на националните интереси на македонскиот народ и држава. Токму еден таков нонпејпер, кој има цел расцеп и распад на Македонија, беше обелоденет неодамна.
Преку медиумите беше објавена информација за нов нонпејпер, кој наводно нуди некакво решение за спорот со Бугарија. Нонпејпер како нонпејпер, неофицијален документ, сам по себе не е нешто што е непознато во политиката и дипломатијата. Вакви необврзувачки листови хартија имало и во минатото, ќе ги има и во иднина. Но без разлика на нивниот првично неформален карактер, на сите овие нонпејпери мора да им се пристапи со највисока доза аналитичност, сериозност и претпазливост бидејќи има мноштво примери каде што нонпејперот подоцна станал официјален став или политика и било наложено да се спроведе.
Во таквите документи, најважна е содржината. И токму тука е суштината, од која подоцна зависи, дали нонпејперот ќе стане јеспејпер, од него ќе произлезе официјален предлог што ќе се најде на масата за преговори или уште на почетокот ќе биде отфрлен со индигнација. А последниот нонпејпер токму тоа и го заслужува, да биде целосно отфрлен со индигнација и згрозеност од наша страна.
Што всушност содржи овој сега нов нонпејпер? Кој го пишувал? Со каква цел? Кој знае за него, кој не знае? Сите овие прашања лебдат во воздух или се во чадот што јавноста го гледа.

А чадот произлегува од огнот, кој може да се препознае во нонпејперот. Огнот, кој доколку не се изгасне уште веднаш со енергична реакција, може потоа да пламне и да ги проголта Македонија и нашиот идентитет како Македонци со посебен јазик, историја, култура, традиција итн.
Колку и да е неофицијален и можеби измислен, тој нонпејпер е нечиј пробен балон. Но неговата содржина изобилува со опасни тези за Македонија и македонскиот народ, при што сосема е јасно дека официјалните власти, а пред сѐ јавноста мора веднаш да го шутне, да го распука тој балон за да ги расчисти маглата и неизвесноста што тој ја носи. Да го распука сега и веднаш.
Една од најопасните тези што се заговара во овој документ е принципот на наводен дуализам со Бугарија по одредени прашања. Според објавениот документ, на Бугарија ќе ѝ се дадат гаранции за зацврстување на сегашниот концепт на нација – држава, при што ќе ѝ се признае историски контекст за бугарското потекло на нејзините граѓани без исклучок и со тоа Бугарија, како што се наведува ќе се ослободи од траумата дека преку малцинските права ќе ѝ се загрозат долгорочната стабилност и безбедност.
Во нонпејперот се тврди дека во Македонија, пак, ќе се засили контекстот на мултиетничкото општество преку вклучување и на бугарскиот наратив. Се предлага Бугарите да се внесат во македонскиот устав, соодветно како и сите други етнички заедници, здруженијата на Бугарите, а со тоа ќе добиеле заштита и посебна нега од државата за да негуваат, да промовираат и изучуваат сопствен аспект на историските настани и тоа ќе им било уставно загарантирано. Се додава и дека мнозинскиот дел од словенскиот народ, кои себеси се идентификуваат како Македонци, и кои сметаат на историскиот контекст за посебност на македонскиот народ ќе ја задржат можноста за сопствен аспект и наратив на оваа заедничка историја.

Тоа подразбира дека ќе постои единствена фактичка вистина, произлезена од емпириската научна активност, но на која ќе ѝ се овозможи дуален аспект за дефинирање на националниот контекст и значење за двата национални идентитети, се наведува во нонпејперот. Се додава и дека овој дуален систем ќе се применел и во образовниот систем, со дуално објаснување на контекстот на историските настани, вклучувајќи ги и македонскиот и бугарскиот наратив. Или, со други зборови, намерата е Македонија целосно национално и идентитетски да се обезличи. Да се одмакедончиме. Да ни се наметне концепт што од унитарна држава, со своја посебна историја, свој јазик, идентитет, култура, традиција и слично ќе нѐ сведе на некакво ниво на дуализми, на некакви федеративни елементи што на крајот ќе резултира со расцеп и распад на државата.
Вака составен, тој документ повеќе наликува на една невкусна балканска мучкалица или турлитава во која основна состојка е македонскиот национален идентитет. Така сматен за неговиот вкус на крајот конечно да исчезне и да биде тотално непрепознатлив во идентитетските и јазичните посебности на Европа.
Кога станува збор за малцинските права, Македонија отсекогаш имала најширокоград концепт за нивно признавање и почитување. Нема држава во Европа и во светот што може да се пофали со таков либерален концепт во однос кон малцинските заедници. И тоа не е спорно.

Но тезите за дуалниот концепт што се заговара во нонпејперот за идентитетско осакатување на македонскиот народ, се многу опасни и погубни. Таков дуален концепт му дава некому право нашата идентитетска определба да ја толкува и определува како што тој сака. Тоа се нарекува самопоништување, како на пример кога некој ќе ти наметне прекар, а ти со задоволство ќе го прифатиш тоа. Твоето лично име, посебност и препознатливост подоцна ќе исчезнат, а твојата личност ќе биде препознатлива по твојот наметнат и грд прекар од душманите.
Македонија имала примери со дуализам во концептите на политичко толкување, како на пример со албанските политички партии. И што добивме на крајот, наместо граѓанска држава, имаме бинационална држава и бинационална политика. Дуализмот во политиката, од унитарна држава, Македонија ја претвори во неформална федерација.
Старите велат, паметните учат на грешките. Повторувањето на грешките е концепт што нѐ води во бездна, во провалија, од која нема излез.
Не е доволно државните власти да кажат дека тој нонпејпер не е нонпејпер и дека не постои. Тие треба да го изгаснат огнот од кој тлее овој чад. Да бидат гласни и јасни и да го отфрлат со згрозеност.

[email protected]