Кон новата книга есеи, теорија и критика „Медитерански есеи“ од Разме Кумбароски

„Медитерански есеи“ (изворен наслов „Сите ми зборуваа аналфабетски“) е нова книга есеи, критики и теоретски текстови на современиот македонски писател Разме Кумбароски. По книгите есеи и критики „По патот“ (2007) и „Минатата година во Енхалон“ (2010), неговиот творечки опус се доградува со триесетина објавени книги поезија и романи. Кумбароски го негува есејот мултиестетски како никој друг. Тој беше лауреат во 2006 година на Друштвото на писателите на Македонија и награден за есејот „Бревијарот на писателот и градот“.

Пред нас е книгата „Медитерански есеи“, во која авторот посветил голем размав кон текстовите и приодите на есеистиката, критиката и реминисценцијата на нужните изворни светови и книжевни родови, со оглед на тоа што повеќето геопоетски текстови за неколкуте изминати декади се објавени во периодиката.
Првиот циклус „Слика и принос“ е посветен на повеќето македонски писатели како: Блаже Конески, Матеја Матевски, Раде Силјан, Бранко Цветковски и други помлади македонски писатели. Вториот дел на книгата носи наслов „Поетика и брег“, со застапеност на автори од странство: Јосип Јурај Штросмаер, Хелена Саблиќ-Томиќ (Хрватска), Албер Ками (Франција)… Кумбароски кон есејот посветува и негува посебен интерес и нужен фундаментално-лингвистички приод и структура, чија уметничка и книжевна транзиција иконографски ја изградува врз трајната темелна логистика и лексика во литературата и новата критика.

Во континуитет на оваа книга среќаваме динамичен тек и растег од приоди, опити и ткаини со повеќе книжевни вреднувања во литературната теорија и логос. Пленува и освојува текстот „Зошто есејот како искушение, простор и време“ што Кумбароски го сместува на крајот од книгата. Методолошки и семантички тој се повикува на втемелувачот на есејот Мишел Монтењ, тој сизифовско-дијалектички столб и апологет за креативноста и засладените вреднувања и опити на овој книжевен род. Кумбароски ни открива дека есеистот поседува ранет поглед, посебен врвен облик и од во уметноста како филозоф, мислител и златар, кој во својата ковачница ја кова својата златна реч на неговата „волшебна кутија“ соѕидана од зрели оревови јатки. Дали го читаме есејот, прашува Кумбароски. Прашања и можности што за ова книжевна рожба се значајни како визионерска лексика, наниз и проток во современата македонска литература, како опстанок на модерниот македонски есеј.

Веле Смилевски