Последните години тргнувам да правам театар со идејата да направам претстава што ќе зборува за човекот денес. Во што верува современиот човек? Има ли тој во себе барем трошка надеж, вера и љубов? Од сцената треба да се зборува за алчноста, за страстите, за сите пороци на човековата душа. Претставата треба да направи дијагноза на заболената душа на човештвото, вели Пројковски
Дејан Пројковски, режисер
Вашата претстава „Ана Каренина“ во изведба на Новосадскиот театар беше апсолутен победник, со освоени седум награди, на 70. Фестивал на професионални театри на Војводина. Навистина радосна вест во ова време на пандемија. Што ви значи успехот на оваа претстава?
– Изминатите години моите претстави беа прогласувани за најдобри или добивале награди во Хрватска, Црна Гора, Турција, Унгарија, Србија… Секогаш сум многу среќен за овие награди бидејќи ми потврдуваат дека во нови средини сум ги пронашол вистинскиот театарски јазик и вистинската тема кога сум ја создавал претставата. Многу се радувам за големата победа на мојата претстава „Ана Каренина“ на Фестивалот на професионални театри во Војводина. Посебна важност дава и фактот што оваа година на фестивалот имаше навистина голема конкуренција и добри претстави. Фестивалот е еден од најзначајните во регионот, а со тоа и важноста на наградите е уште поголема. За време на пандемијата многу е важно што сите заедно успеавме да го одржиме фестивалот и заедно со публиката да го славиме театарот. Сакам да потенцирам дека станува збор за големи продукции со голем број учесници. Од Македонија заедно со мене беше и комплетниот авторски тим, така што нашите награди се наедно големо признание за македонскиот театар и за македонските уметници.
Ги режиравте „Браќа Карамазови“, „Ана Каренина“, „Коцкар“… Се чини класиците ви се омилена литература за драмска адаптација?
– Последните години тргнувам да правам театар со идејата да направам претстава што ќе зборува за човекот денес. Во што верува современиот човек? Има ли тој во себе барем трошка надеж, вера и љубов? Треба од сцената да се зборува за алчноста, за страстите, за сите пороци на човековата душа. Претставата треба да направи дијагноза на заболената душа на човештвото. Вивисекција на душата, која безброј пати и на безброј места, за задоволување на своите ниски страсти му се нуди на ѓаволот. Падот е голем, а враќањето тешко. Зошто дозволивме од Земјата да создадеме свет на паднати ангели. Во што се претвори денес современиот човек, во што верува, во што не верува. Што е верата и што значи да веруваш? Големите прашања за Бог и неговото постоење. Тоа се дел од универзалните теми што ги третираат големите романи на Достоевски, Толстој, Меша Селимовиќ… Сакам да се соочувам со најголемите дела во литературата, голем е предизвикот да се извади нивната есенција и да се преведат на јазикот на театарот. Современиот човек сѐ уште живее со истите проблеми и дилеми како ликовите од големите романи и вечните теми. Но истовремено е голем предизвик кога треба да се направи роман на сцената. Театарот и театарскиот јазик имаат други правила, а истовремено е многу важно да се пронајде клучот како големата литература се пресоздава на театарската сцена. Во театарот не треба никогаш да заборавиме дека е еднакво важно што зборуваме и што гледаме на сцената, односно за актерот мора да биде еднакво важно што зборува и што прави како дејствие. Точно тука е границата каде што театарот и литературата се разликуваат. Театарот, освен со зборови, раскажува и со слики. Театарот се слуша, гледа и мириса. Сценската слика што ја создаваме треба да има исто толку значење, како и зборовите. Големиот режисер Пискатор сметаше дека зборовите можат и имаат право да бидат кажани на сцена, само ако се создаде сценска слика што ќе биде исто силна, важна и моќна како и текстуалниот дел. А тоа значи дека сценската естетика е основата на професијата режисер. Се разбира, Пискатор зборува за политичкиот театар, односно дека е најлесно нешто да се каже од сцената, но за да има смисла и да си достоен да го кажеш тоа, треба да се создаде сценска слика што ќе покаже и докаже дека режисерот точно знае и има право да го постави тој текст на сцената.
Некаде најавивте премиера на претставата „Кармен“ во Драмскиот театар по велигденските празници. Кажете ни нешто повеќе за овој проект?
– Претставата „Кармен“ ја работиме според романот „Пет часа со Марио“ на Мигел Делибес, кој е еден од најголемите автори на Шпанија. Претставата ја работиме по моја драматизација. Всушност работиме монодрамска форма што за мене е големо откритие и уживање бидејќи никогаш досега не сум работел ваква театарска форма. Со мојот авторски тим создадовме целовечерна претстава со еден актер на сцената. Претставата се занимава со малограѓанштината, лажниот морал, промашените животи, инстант религијата, сето она што е својствено за малиот човек. Мислам дека создадовме многу интересна сценска естетика и со нетрпение ја очекувам средбата со публиката. Ме прави среќен фактот што создадовме претстава што ќе биде еднакво интересна за публиката, критиката, но и за фестивалските селектори. Секако, би требало да кажам дека во монодрамата игра мојата сопруга Биљана Драгиќевиќ Пројковска и дека ова ни е прва заедничка соработка по речиси 20 години.
Течат и пробите во Народниот театар во Бања Лука на претставата „Генетика на кучињата“ на Венко Андоновски. Се чини, пандемијата не ве спречува да работите со полна пареа, како ви успева?
– За мене Венко Андоновски е еден од најголемите писатели и драмски автори кај нас. Досега сум ја имал честа да направиме две заеднички претстави. Сега во Бања Лука ја започнуваме нашата трета заедничка соработка. Работиме претстава по текстот „Генетика на кучињата“, која сега ќе биде во целосна нова визија и концепт и со нов наслов на претставата, кој мислам дека ќе биде поточен за она што сега го работиме и ќе даде поширок контекст: „Генетика Глембајевих“. Со мене се и моите соработници, сценографот Валентин Светозарев и композиторот Горан Трајкоски. Во претставата игра одлична актерска екипа со која ќе имаме возбудлив и креативен процес.
Во истиот театар се играше и претставата „Дервишот и смртта“, многу фалена од критиката и одлично прифатена од публиката. Триесетина луѓе на сцена, полни два и пол часа, навистина сериозна работа… Кажете ни нешто повеќе за тоа искуство?
– Со претставата „Дервишот и смртта“ сите ние што бевме дел од нејзиното создавање си покажавме и докажавме дека театарот може и мора да живее и во најтешки времиња. Театарот мора да ја отвора својата врата за публиката секогаш кога постои и најмала шанса за тоа. Публиката ја препозна нашата претстава и на секоја изведба претставата е распродадена. Секоја нејзина изведба е како празник за нас и за публиката. И, секако, би сакал да споделам дека „Дервишот и смртта“ е селектирана на „Стеријно позорје“ во главната програма, во натпреварувачкиот дел на фестивалот. Исто така во септември ќе бидеме дел од фестивалот во Зеница на најдобри претстави. Долго време пред да започнам со подготовките на оваа претстава размислував која е темата што е важна за луѓето во Бања Лука и сфатив дека токму Народниот театар е вистинското место каде што ќе можеме да се занимаваме со универзумот и поетиката на Меша Селимовиќ. Светот во кој живееме е бездуховен, сакав „Дервишот и смртта“ да зборува за борбата помеѓу доброто и злото, помеѓу верата и безверието, помеѓу Бог и ѓаволот. Целата болка на современиот човек, целата страст за животот е во основата на овој епохален филозофски роман. Неговите ликови се како нас денес – телото сака да живее во страст, човекот има нагон постојано да го задоволува телото, а од другата страна е душата, која гледа нагоре кон Бога. Се води борба помеѓу телото, кое го влече човекот надолу кон страстите и душата, која сака да се качува нагоре, барајќи го Бога. Човекот е растргнат помеѓу земните страсти и небесните идеали. На 7 мај е следната изведба на претставата и со голема радост ја очекувам средбата со моите актери и со публиката.
Оваа претстава навистина беше проклето сериозна работа, особено за време на пандемија, кога театрите кај нас, во регионот, па и во светот, се на работ на пропаст. Како ќе преживее театарот во вакви услови?
– Театарот преживеал многу чуми и епидемии пред нас, а ќе преживее и многу епидемии по нас. Важното е секој од нас да го направил тоа што можел и сметал дека треба да се направи во овие тешки и чудни времиња. Еден ден секој од нас ќе треба да се сретне очи во очи со театарот. Велат дека добар пријател се познава во неволја. Така и ние во театарот имавме можност да провериме колку од нас сме негови вистински пријатели. Се надевам дека по оваа состојба сите ќе станеме подобри луѓе, похумани, ќе подадеме рака и ќе ја прифатиме подадената рака, не би сакал на крајот само да ја промениме амбалажата без грижа за суштината внатре. Театарот не треба да се работи никогаш со компромис дури и во време на пандемија. Компромисот е почетокот на крајот на театарот.
Критичарот на „Ехо“ таму напиша дека „луѓето за време на оваа епидемија треба да се почестат себеси со неверојатна културна вакцина“. Не сметате ли дека одвреме-навреме, и покрај околностите, ваква вакцина е потребна и на домашната театарска сцена?
– Оваа пандемија беше еден важна лекција што не сме ја учеле во театарските учебници. За уметноста е најлесно да се зборува, да се теоретизира, а таа треба да се живее, да се создава, да се раѓа деноноќно на сцената. Да се создава театар за време на епидемијата за мене беше како монашко тихување, како разговор со самиот себе, исправен пред сопствените театарски претстави, кои се моето творечко огледало и мое театарско распетие. Претставите ги создававме храбро, бескомпромисно заедно со сите мои соборци од сцената и зад сцената и, секако, со публиката. Секако за онаа публика што доаѓаше во најтешките времиња за да го сведочи мигот во чинот наречен театар. Да ја даде смислата на нашето постоење. Да, токму таа публика што се препознава во моите претстави и се идентификува со нив. Смислата на секој творец е да создаде дела што постојат единствено во очите и срцето на гледачот.
„Најдобро можеме да му се спротивставиме на она што не ни се допаѓа ако создаваме убавина. Сè можеме да победиме со убавина“, изјавивте во едно интервју. На што точно мислевте?
– Убавината ќе го спаси светот – рекол Достоевски. Е па, таа убавина треба да ја создаваме сите ние. Злото нема да го победиме со ново зло. Така само од едно на светот ќе постојат две зла. Омразата можеме да ја победиме со љубов. Неверувањето со длабока суштинска верба. Треба да се создава убавина бескомпромисно. Еден поет рекол дека разликата помеѓу совршената камбана и обичната е само во еден полутон. Разликата помеѓу доброто и злото е понекогаш токму во тој полутон. Понекогаш е тешко да се препознае лицето на бога од лицето на ѓаволот, токму затоа треба да го препознаваме тој полутон. Не е важно човекот само да живее, туку за што живее. За да создава на светов убавина.