Шестиот по ред Ден на европските киносали што го негуваат репертоарот со арт (уметнички) филмови ќе биде одбележан на 14 ноември, во над 600 киносали во светот, а ќе се приклучи и Кинотеката на Македонија. Интернационалната конфедерација на арт-киносалите и прикажувачката киномрежа „Еуропа синемас“, чиј член е Кинотеката, повторно се здружуваат за да го прослават ангажманот на киносалите во корист на европската жива културна разновидност преку многу богати и ексклузивни програми. Почнувајќи од 2016 година, во оваа прослава на филмската уметност секоја година учествуваат над 600 кина во повеќе од 40 земји.
– Кинотеката ќе го прослави Европскиот ден на арт-киното со програма на 13 ноември (сабота), а посетителите ќе добијат бесплатни ДВД-изданија на Кинотеката и новиот број на „Кинопис“. Сите досегашни изданија – книги, монографии – на Кинотеката ќе можат да се купат со попуст од 50 отсто – најавуваат од Кинотеката.
Како и претходните години, реномирани европски уметници од филмската индустрија се избрани да бидат амбасадори на Денот на европското арт-кино. За изданието за 2021 година, тие се режисерката Илдико Енједи, актерката Валерија Голино, сценаристот и режисер Јонас Труеба и актерот и режисер Матје Амалрик.
Кристијан Брауер, претседател на ЦИЦАЕ, вели дека повеќе од 100 милиони посетители секоја година ја покажуваат клучната улога на европските арт-киносали во промовирањето на културната разновидност и прикажувањето на младите таленти.
Овие кризни времиња ја покажаа импресивната издржливост на арт-киносалите и ја истакнаа нивната улога како суштински дел од европскиот културен пејзаж. Движењето „Артхаус“ успешно ги зближи луѓето, без оглед на возраста, потеклото, образованието или приходите. Со Европскиот ден на арт-киното сакаме да го прикажеме културното збогатување што киносалите им го носат на заедниците – истакнува Брауер по повод Европскиот ден на арт-киното.
Амбасадорката на манифестацијата, водечката унгарска и европска режисерка Илдико Енједи, во својата порака потенцира дека за неа киното отсекогаш било еден вид хипноза, каде што не само што влегуваш во туѓиот универзум туку, уште поважно, влегуваш во својот свет, но на нов начин.
Убавината е во тоа што овој крајно интимен чин се случува заедно со непознати луѓе и групно. Се впуштате во тој вид на скриен универзум на она што Јунг го нарече заедничко несвесно. Значи, длабоко личното и најобичното се случуваат истовремено. Ова е многу редок и скапоцен културен момент. Ни требаат повеќе такви моменти. Тоа ни помага да останеме ментално здрави – вели Енједи во својата инспиративна порака.