Креативно катче
Може да се слика со перо, со прсти, со вата, па и со – цевка. Лесно е и забавно, па еве можност да научите како се прави тоа. Доволно е да се набават неколку цевки за сок и да се следат неколку упатства
Потребно е: картон или подебела хартија од блок за цртање, водени боици, неколку пластични сада, пипета (на пример од капки за очи), цевки за сок, весник или друга подлога
Постапка:
1. Најдобро е сѐ да се прави надвор, за да има што помалку неред дома. Но, ако сепак работите внатре, ставете весници или некоја друга подлога под хартијата.
2. Растворете ги водените боици во различни садови (може да употребите и пластични чаши). Колку повеќе бои толку и делото ќе биде пошарено.
3. Пресечете ја цевката на половина, така ќе ви биде полесно да дувате низ неа и да ја распрскувате бојата.
4. Со пипетата зафатете ја разматената боја и капнете малку на хартијата.
5. А сега она најзабавното, дувајте во бојата низ цевката и натерајте ја да се разлее на хартијата. Потоа капнете уште боја, па повторно дувајте и во неа. Повторувајте ја постапката сѐ додека сликата не стане доволно шарена и интересна.
6. Можете да додадете линии со четкичка или со фломастер и своите шарени дамки да ги претворите во цветови, чудовишта или нешто друго.
Играјте си, фантазирајте, истражувајте!