Меѓународна соработка
Основното училиште „Кузман Јосифоски-Питу“ од Кичево за само пет години ќе реализира шест проекти од програмата „Еразмус +“, финансирани од Европската Унија. Досега има реализирано вкупно пет проекти, а оваа учебна година доби уште еден грант за шестиот, насловен „Позитивна дисциплина во европските училишта“.
Тоа го потврди директорката на ова училиште Ирина Стојаноска, која ги наведе активностите во претходните неколку години.
– Во изминатите пет години 60 ученици и околу 20 наставници имаа можност да посетат некоја од европските земји и да разменат искуства со своите врсници и колеги. Како резултат на тие активности произлегоа многу продукти што потврдуваат за креативноста и способноста на учениците и нивните наставници-истакна директорката Стојаноска.
Во следните две години во шест европски земји и во исто толку училишта, директори, наставници и родители ќе работат секојдневно користејќи ги истите алатки на позитивната дисциплина, за свесно да им помогнат на децата да развијат вештини и здрава самосвест, независност, чувство на одговорност и решавање проблеми.
– Истражувачите што го придружуваат проектот ќе ги направат тие секојдневни мали или големи чекори мерливи и видливи. Проектот ќе заврши со голема меѓународна конференција – прва европска конференција за позитивна дисциплина, каде што ќе бидат поканети училишта, истражувачи, професионалци и родители надвор од проектот, за да ги споделат своите искуства – нагласи директорката.
Таа истакна дека проектот вклучува шест училишта од Европа, и тоа по едно од Португалија, Франција, Полска, Бугарија и Македонија и од координаторот Унгарија.
З.А.