Во рамките на манифестацијата „Тера мадре дел густо“
Во рамките на една од најголемите манифестации за храна и земјоделство „Тера мадре дел густо“, која се одржува од 22 до 26 септември во Торино, Италија, на македонскиот павилјон беше претставена програмата „Училишни градини“, која ја реализираат „Слоу фуд Водно“ и „Слоу фуд Македонија“. Дел од тимот за едукација, во состав Јасна Ѓорѓиевска, Гоце Бумбароски, Даме Димески и Филип Димкоски, го презентира сработеното, истакнувајќи ги успесите, но и предизвиците со кои се соочуваат во реализацијата на проектот. Модератор на настанот беше Мерита Кули.
Целта на ваквото претставување е вмрежување со другите слоуфуд-организации во светот, кои работат на создавање на училишните градини како полигони за едукација.
По претставувањето, следуваше работилница за семе, каде што посетителите можеа да се запознаат со некои семиња одгледувани на македонската почва, да земат семче, да го посеат во чашка со хумус и да го понесат како спомен од работилницата. Секако, особен интерес за тоа пројавија децата.
Работилницата за семе беше и најава за третиот број на списанието за училишните активности на „Слоу фуд Македонија“, „Полжавче“, кое ќе биде посветено на значењето на семето.
Досега во Македонија со различни фази на развој се наоѓаат дваесет градини, а интересот од училиштата постојано расте. Едукативните материјали во издание на „Слоу фуд Македонија“ од годинава најдоа примена и во реализација на изборниот предмет Градинарство во основните училишта.
По работилницата беше послужен мармалад од сливи со какао од брендот „Бавчика“, член на „Слоу фуд Прилеп“. Ф.Д.