Под петте липи во дворот на ООУ „Киро Глигоров“ во скопската населба Капиштец, во четвртокот, се одржана хуманитарен настан. Иницијаторот, неуморниот хуманитарец Живко Попвски-Цветин, и самиот своевремено учествувал во садењето на дрвјата, под чии сенки беа испратени многу хумани пораки и кажани стихови од неколкумина македонски поети.
Дел од настанот беа штитениците на дневниот центар за лица со церебрална парализа „Порака“ и на дневниот центар за лица со попреченост, на кои Цветин им подари по пет слики, акрил на хамер, со формат 35 х 50 сантиметри, кои исто така беа изложени, со кои во нивните
простории ќе биде отворено „Цветиново катче на мирот и хуманоста“.
Присутните ги поздрави писателот Александар Прокопиев.
– Мило ми е што денеска сум со сите вас, бидејќи од сите зрачат хуманост и човечност. Му честитам на Цветин за оваа акција, а сите ние тука колку можеме ќе му помагаме во реализирањето на неговите идеи. Да ги зачуваме добрината и човечноста, кои се најубавите човекови особини – рече Прокопиев, кој прочита и своја хаику-поезија.
Цветин се надоврза дека на 13 јуни се одбележува и верскиот празник Спасовден, но и погибијата на Кочо Рацин, а и самиот прочита стихови од големиот македонски поет. Свои стихови читаа и: Горан Анчевски, Ванѓа Радевска, Драгица Пандиловска, Лилјана Стоилковска, Лидија Лучко Јеремиќ. Мендо Димовски, Билјана Челик и Миле Јовановски-Поречанец, кој ја отпеа својата поезија, придружуван на својата гитара.
Беа изложени и грнчарски експонати од најмалиот етномузеј во светот, во сопственост на Симеон Златев-Моне.
На крајот, со пуштање три балони, беше испратена порака за мир и хуманост, против војните и страдањата на луѓето, за зачувување на флората и фауната и за спас на планетата Земја.М.Т.