Вие ни јавувате
Афирмираниот писател Саво Костадиновски, кој повеќе од педесет години живее и твори во Германија на германски и македонски јазик и има објавено 180 книги, на 30 септември годинава, за време на краткиот и планиран престој во Македонија, ги посети учесниците од ООУ „Лазо Трповски“ што учествуваа на Меѓународниот литературен натпревар за млади во Токио, Јапонија.
Во таа пригода, Костадиновски ги поздрави учесниците и одржа литературно читање, на кое им се претстави и им подари свои авторски изданија за деца и млади, како и книги за училишната библиотека, во знак на поддршка на долгата традиција на учество на овој реномиран натпревар на училиштето и во знак на благодарност за досегашната афирмација на Македонија во светски рамки.
ООУ „Лазо Трповски“ и годинава, 14. пат едноподруго, учествува на Меѓународниот литературен натпревар за млади во Токио, Јапонија, на кој досега има освоено четири награди (2015, 2016, 2021 и 2023 година).
Натпреварот е во организација на УНЕСКО и фондацијата ГОИ од Токио и се одржува во рамките на одбележувањето на „Деценијата на Обединетите нации за одржлив развој на образованието“ во главниот град на Јапонија. Овој глобален проект се реализира од 2020 до 2030 година и во него активно се вклучени сите земји членки на УНЕСКО.
Покровител на натпреварот е министерот за образование, култура, спорт, наука и технологија на Јапонија.
Годинава на овој реномиран натпревар, на кој учествуваат учесници речиси од целиот свет (само за споредба минатата година учествуваа учесници од 168 земји) со свои лични творби, напишани во форма на есеј на темата „Улогата на младите во справувањето со конфликт“, училиштето го претставуваат тројца ученици: Ана Антовска, Ѕвездан Михајловски и Анѓела Станојевиќ, под менторство на предметниот наставник по германски јазик Стефан Симовски.
Организаторот ќе ги објави наградените на 1 ноември.