Во ПОУ „Мануш Турновски“ во струмичкото село Зубово
Весело и распеано беше неодамна во подрачното основно училиште „Мануш Турновски“ во струмичкото село Зубово. А како нема да биде така, кога учениците пред своите наставници и родители ја изведоа новогодишната претстава, која со многу љубов ја подготвиле. Специјален гостин беше писателот Киро Донев, чии песни и стихови ги слушнавме и на приредбата. Тој, пак, ги поздрави сите, а на дечињата им подели примероци од своите книги.
Се пееше за Дедо Мраз, зимата, за Нова година и за детските желби и подароци под елката, која како вистинска убавица стои среде собата и ја красат играчки во илјада бои. Видовме и пиеса за мрзливиот Дедо Мраз и за неговите помошници, кои на крајот сепак ветија дека во годината нова секој треба само добри дела да прави и да бидеме сите живи и здрави!
Заспивалка
Зимска вечер. Надвор снежи.
Низ гранките ветрот вие.
Со мачето Јана лежи – два-три
часа веќе спие…
Дури надвор снегот вее,
канаринката нежно пее:
„Нани Јано, мирно спиј,
над тебе ќе бдеам јас.
Под јорганот главче криј
дур не дојде Дедо Мраз!
Подароци тој ти носи,
санка, кукла и балони…
И панделка за во коси,
сѐ што сакаш ајде сони…“
Надвор снежи, ветре вее
годината нова иде…
Канаринката свири, пее
– Ај најсреќна да ни биде!
Автор: Киро Донев