Фото: ОУ „Димитар Влахов“ - Штип

Фотовест

Минатиот петок, во рамките на одбележувањето на Месецот на книгата, познатиот македонски писател за деца Киро Донев го посети основното училиште „Димитар Влахов“ во Штип. Речиси сите деца, особено од нижите одделенија, присуствуваа на овој настан. Киро им раскажа на децата многу интересни нешта. Тој се потсети на своето детство, на првите песнички напишани уште кога бил основец, а во негов стил кажа и многу шеги, преку своите ведри стихови. Или како што вели неговиот пријател Митко Стојанов: „Дедо Киро со шарената торба постојано води борба со дечиња слатки, мили, им дарува песни и гатанки лесни“.
Донев често гостува на часовите по македонски во многу училишта низ Македонија, почнувајќи од селото Моноспитово, каде што живее, а чест гостин е и во Струмица.
За него децата учат и во читанките, а го има и како автор на лектирните изданија, па затоа вистинско доживување е кога учениците во живо можат да поразговараат со омилениот писател. Така беше и неодамна во Штип и, се разбира, падна договор за нова средба.
За него, како што вели, овие настани се како еликсир на младоста и го инспирираат за пишување нови дела.

М.Т.