ТРИЕСЕТ И ВТОРО ИЗДАНИЕ НА МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕТСКИ ФОЛКЛОРЕН ФЕСТИВАЛ ВО ОРГАНИЗАЦИЈА НА ДКЦ „КАРПОШ“

Како дел од богатата културна понуда во градот, во рамките на кандидатурата за Скопје – европска престолнина на културата 2028, годинава по 32. пат се одржа меѓународниот детски фолклорен фестивал „Оро без граници“.
Фестивалот, кој претставува симбол на пријателствoто меѓу децата, е во организација на детскиот културен центар „Карпош“, а главен покровител е Град Скопје. Централниот настан се случи во саботата, на отворената сцена Школка во Градскиот парк, со почеток во 19 часот. Традиционално, детскиот културен центар „Карпош“ со својот фолклорен ансамбл и годинава беше домаќини на фестивалот.
– Еден од главните и најсимболични моменти на фестивалот е дефилето на учесниците, каде што се формира најголемото оро, оро што не познава граници, оро што е симбол на пријателството меѓу децата. „Оро без граници“ е празник на градот, кој широко ги отвора вратите на Европа и на светот, и е амбасадор на културата. Фестивалот придонесува за зачувување и презентирање на традицијата и на културата и за промовирање на знаменитостите по кои е препознатливо Скопје – вели директорката на фестивалот д-р Билјана Лалчевска Серафимовска.
Фестивалот „Оро без граници“ своите почетоци ги бележи во далечната 1991 година.

Ф.Д.