Етика за млади
Таткото и мајката се облекоа убаво и го поканија Диме:
– Ајде и ти со нас на гласањето!
Диме праша:
– Дали и децата одат таму? Дали и тие гласаат?
– Одат, но тие не гласаат. Тие можат со родителите да одат на гласање, за да видат како се прави тоа. Кога ќе бидеш поголем и ќе наполниш 18 години ќе гласате и ти и сите твои врсници – рече татко му.
Гласањето беше во училиштето на Диме. Таму имаше многу луѓе. Некои беа со своите деца, зашто изборите се свечен и важен миг. Кога луѓето избираат некого, тие мислат и на доброто на своите деца.
* * *
Светот во кој живееме се нарекува демократија. Во таквите земји на секои четири години се избираат раководителите на државата – пратеници, министри, претседатели, градоначалници, членови на месниот совет. Тогаш сите луѓе имаат шанса да кажат за кого мислат дека е најдобро да биде на чело на некоја државна установа и да има должност добро да заврши некоја важна работа за земјата. Откако ќе измине тој период, повторно се гласа за раководителите на тие служби.
Изборите се многу важни за животот во демократските земји. Со нив луѓето го искажуваат своето мислење. Преку нив доаѓа до подобрување на животот, за што избраните добиваат шанса да се покажат во она што го прават.
Во демократските земји сите избираат и сите имаат право да бидат избрани. Изборите се ден кога се проверуваат желбите и целите на граѓаните.
Драги деца, и вие ќе имате можност да гласате кога ќе станете полнолетни и со тој чин да се искажете како полноправни граѓани на својата земја, заинтересирани за нејзиниот напредок.
Проф. д-р Кирил Темков
Етичка мисла
Доброто е цел на сѐ што постои и на секоја активност.
Аристотел, грчки филозоф