Дафинка ги сака приказните. А за приказни е задолжен дедото. Е, сега, што е право, тој најдобро и раскажува. А таа е љубопитна. И сака дури и најситни работи да знае. Постојано нешто не верува. И за нешто се распрашува.
– Дедо, кој бил најголем јунак? – сака да знае Дафинка.
– Марко Крале! – без размислување одговори дедото.
– Каков бил Марко Крале? – продолжува да се распрашува девојчето.
– Силен, многу силен! Со силни раце и мускули, голем како џин, со долги мустаќи….
– И што друго? – бара да ѝ се раскажува Дафинка.
– Него ниедна сабја не го сечела! И ниеден боздоган не го биел! А и самиот тој носел тежок боздоган од шестотини оки и остра сабја „што се дипли дванаесет дипли“…
– Колку вино можел да испие?
– Многу! Пиел од голема чабур чаша! Кога ќе влезел во ладна меана и коњот го поел со рујно вино….
– А каков бил коњот од Марко Крале:
– Е, коњот од Марко Крале, крилестиот Шарец, скокал од планина на планина! Заедно со него јунакот ослободувал „три синџири робје“, го убил Црниот Арап и секаде стигнувал да ги одбрани немоќните… – се расприкажува дедото.
– А сега, каде е Марко Крале? Дали е жив? – сака да знае Дафинка.
Дедото замолче.
– Каде е, дедо, Марко Крале?
– Еден ден, кога ќе бидеш поголема, од историјата в училиште ќе научиш дека Марко Крале загинал во некоја нерамна борба… – ја свртува приказната дедото.
– Загинал? – се чуди Дафинка. – Како можел да загине кога толку бил силен? Нели него боздоган не го биел? И сабја не го сечела?
Дедото пак молчи.
– Зошто, дедо?
Дедото, сега си ја чешка брадата.
– Оди наполни ми чаша вода….
Додека да измисли некаков одговор.

Горјан Петревски (Од книгата „Рано дојде љубовта“)