Со врачувањето на дипломите и организирањето на изложбата од делата на учениците, во неделата заврши третата детска ликовна школа „Вевчански видувања“, која се одржа во ресторанот „Виа Игнација“ во Вевчани, додека изложбата се одржа во мултикултурниот центар „Коста Србакоски“.
Изминатата недела во рамките на ликовната колонија тука се дружеа 60 дечиња.
– Во соработка со Амбасадата на САД во Македонија успеавме да реализираме еден проект што придонесе нашите ученици да имаат можност на неколку работилници да работат со истакната професорка од универзитетот за уметност „Робин Шварцман“ во Минесота. Исто така, заедно со училиштето за сликање „Адамс арт“ од Битола и наставничката Анкица Стеваноска, академскa сликарка и иконописка, реализиравме неколку работилници, што резултира со прекрасни дела – велат организаторите.
Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“ изминатите 13 години прерасна во значаен културен настан, кој поттикнува креативност, соработка и културна размена. Ст. К.