Деца внимавајте:
Во последно време сѐ повеќе се зборува за штетноста на сината светлина што ја емитуваат многубројните дигитални уреди што ги користиме. Меѓутоа, новите истражувања покажуваат дека синото светло всушност не е она што им штети на нашите очи, туку времето што го минуваме гледајќи во екраните.
Сончевата светлина содржи црвени, портокалови, жолти, зелени и сини зраци и многу нијанси на овие бои, зависно од енергијата и брановата должина на некои зраци, кои се нарекуваат електромагнетско зрачење. Во комбинација, овој спектар на обоени светлосни зраци го создава она што го нарекуваме „бела“ или сончева светлина.
Светлосните зраци со поголеми бранови должини содржат помала енергија и обратно. Зраците на црвениот крај на светлосниот спектар имаат поголема бранова должина, значи помала енергија. А оние на синиот крај имаат помала бранова должина, а тоа значи повеќе енергија, поради што оставаат поголеми последици на нашиот организам.
Освен Сонцето, кое е главен извор на светлина, има и други извори на сина светлина, кои се изум на човекот – вклучувајќи ги и флуоресцентните и ЛЕД-осветлувањата, како и рамните екрани на компјутерите, таблетите, паметните телефони и слични дигитални уреди. Тие емитуваат значително количество сина светлина. Меѓутоа, тоа е само мал дел од количеството светлина што го емитува Сонцето.
Иако количеството емитираната сина светлина нема значајни последици на видот, проблемот е времето што луѓето го минуваат користејќи ги овие уреди, држејќи ги притоа блиску до очите. Поради пандемијата на коронавирусот, изложувањето на сината светлина е максимално зголемено.
Како што наведува Американската офталмолошка академија, всушност никогаш не е докажано дека количеството светлина што доаѓа од екраните на сметачите предизвикува какви било очни болести. Истражувањето го објави Националната медицинска библиотека. Она што всушност предизвикува оштетување на видот е долготрајното гледање во дигиталните екрани, што доведува до намалување на бројот на трепкањата на очите. Намаленото трепкање предизвикува низа привремени симптоми познати како напрегање на очите. Исто така, истражувањето истакнува дека овие последици ги предизвикува начинот на кој луѓето ги користат своите екрани, а не она што тие го емитуваат.
Како да го заштитиме видот?
Истражувањето што го спроведе Американското списание за офталмологија сугерира дека носењето заштитни очила што ја блокираат сината светлина не ги намалува симптомите предизвикани од долготрајно напрегање на очите.
Лекарите препорачуваат неколку методи со кои можете да се заштитите, меѓу кои се препорачува оддалечување од екранот на 60 сантиметри (должина на раката) и поставување потпирач за да гледате малку надолу. Уште покорисна техника е користење на правилото: 20-20-20, односно на секои 20 минути пренасочете го погледот, односно гледајте во предмет оддалечен шест метри најмалку 20 секунди.
Вештачките солзи ќе помогнат кога очите се суви, а приспособувањето на светлината во просторијата, но и на самиот екран може исто така да го намали напрегањето на очите. Но најефикасно е честото одморање од гледањето во екранот!