Денеска им е роденден на поетите Васил Мукаетов и Филип Димкоски

Двајцата омилени писатели за деца, Васил Мукаетов и Филип Димкоски, иако се од различни генерации, многу се почитуваат и добро соработуваат. Тие имаат и една заедничка љубов – „Колибри“, за која сме сигурни дека ќе трае и во иднина. Им посакуваме среќен роденден и уште многу испишани страници на радост на децата!
Во овој број, како наша роденденска честитка, објавуваме нивни песни.


За летна
лектира

„Волшебникот од Оз“,
„Петар Пан“….
за четвртоодделенците
подготвен план.

И за размислување,
за разладување
еве уште едно изненадување.
Ете, под сенка
би било во ред
да го прочиташ
„Возот во снег“.

И ми се чини,
ќе те разладат книги,
за бели мечки, глечери
и пингвини.

Можеби додека на ТВ
жештини најавуваат,
некои наши деца
и вака да се разладуваат
и да се забавуваат.

Васил Мукаетов
(Од книгата „Чукни, чукни трипати“)


Прегратка

Срна тоа утро на Филип
по телефон му рече:
– Утре одам на викендичка
ќе се вратам дури вечер.

-Убаво да си поминеш,
но ќе те замолам едно,
прегрни ја малата вишна,
од која лани беревме заедно.

Далеку сум многу,
а сакам да ја видам
лисја да ѝ помилувам,
плодови да
скинам.

Вечерта штом се смрачи.
Срна од викендичка се врати
и на Филип
порака
со фотографија му прати.
На фотографијата Срна
вишната ја гушнува,
пријателски се прегрнуваат
и Филип го поздравуваат.

Многу се израдува Филип
за пораката што ја доби,
Срна го исполни тоа што го вети,
а двајцата знаат дека и вишната
љубовта ја сети.

Филип Димкоски
(Од книгата
„Заедно да растеме“)