Предучилишната возраст, од четвртата до шестата година, е возраст кога децата своите доживеани емоции, сензации и чувства ги претставуваат (прикажуваат) преку цртеж. Охрабрувањето да не се престане со цртање или какво и да е творење, од страна на родителот или на некој член од семејството е многу важно за развојот на креативноста на детето

ОД МОЈ АГОЛ: М-Р ТОНИ ШУЛАЈКОВСКИ, СЛИКАР И ЛИКОВЕН ПЕДАГОГ

Во природата на децата е да бидат креативни. Тие имаат творечка способност и се изразуваат создавајќи свој свет, кој сакаат да биде прифатен, одобрен, препознаен од страна на околината (возрасните). Вклучувањето на уметноста и, воопшто, творењето во наставно-образовниот процес се еден од најефикасните начини да се дејствува на развојот на детето. Родителите и наставниците треба да ги воведат децата во светот на уметноста, да ги научат да ја ценат и вреднуваат, но и да ја насочат нивната креативна мисла.
Уметноста и творењето, поточно целиот творечки процес низ кој минува детето додека го создава своето дело вклучува развивање на широк спектар вештини, како што се решавање проблеми, критичко размислување и донесување одлуки, кои се многу важни за неговиот когнитивен развој. Низ тој процес детето учи за боите, формите и текстурите, како важни елементи на визуелното учење, Создавајќи уметност, децата учат да набљудуваат и да го толкуваат светот околу себе. Уметноста и создавањето уметност го потпомагаат емоционалниот развој на детето и му овозможуваат да ги изрази своите чувства и емоции, а може да имаат и терапевтско дејство за децата што се соочуваат со емоционални предизвици или доживеале траума. Уметноста ги развива фината моторика и имагинацијата на децата и им овозможува да експериментираат и да преземаат ризици, што им помага да станат посамоуверени и креативни, а тоа, пак, е од клучно значење за развивање вештини за решавање проблеми. Уметноста е таа што на забавен начин ги мотивира децата да учат и ја поттикнува нивната љубопитност.

Сум забележал дека уште од дваесет до дваесет и четиримесечна возраст, децата што имаат изразит талент почнуваат да ги забележуваат формите што ги опкружуваат, а највпечатливи форми се форма на дете или на родител. Тоа е возраст кога се развива говорот и самото дете објаснува што нацртало. Кај цртежите на талентираните деца на таа возраст се забележува дека пропорцијата на телото ја цртаат препознатливо, главата, телото, нозете и рацете ги цртаат пропорционално. Тоа веднаш се воочува, што значи дека детето убаво ги забележува работите. Од третата до четвртата година, речиси за сите деца на таа возраст е нормално да ги цртаат фигурите на тој начин, но талентираните тоа го прават порано. На возраст од три до четири години талентираните деца почнуваат да го цртаат просторот во планови, го визуализираат просторот и ги распоредуваат предметите по големина и се добива просторна димензија.

Предучилишната возраст, од четвртата до шестата година, е возраст кога децата своите доживеани емоции, сензации и чувства ги претставуваат (прикажуваат) преку цртеж. Охрабрувањето да не се престане со цртање или какво и да е творење, од страна на родителот или на некој член од семејството е многу важно за развојот на креативноста на детето. Секогаш треба да се посвети внимание на тоа што го нацртало детето и да се разговара, за да се открие какво е значењето на цртежот и со кои емоции се соочува или, во тој период, ги доживува детето. Тука се забележува дали детето има проблем во комуникацијата со другите деца или, пак, се соочува со некакви стравови. Цртежот е најискрената и најнескриена форма на изразување за децата на таа возраст. Заради тоа родителите треба да бидат информирани дека во тој период од развојот на детето не треба да ги спречуваат да цртаат ниту, пак, да даваат негативни коментари за таа активност, туку да им отстапат простор за изразување или да одредат едно катче во домот каде што децата слободно ќе цртаат. Честопати белите ѕидови во станот/куќата за детето се примамливи за изразување, па родителот треба да биде подготвен и да обезбеди материјал што нема да ги уништи ѕидовите и лесно ќе се исчисти, на пример креди во боја или самолеплива табла на која детето ќе ги остави своите креации. Се сеќавам дека ѕидовите на станот во кој живееме беа извонредни мурали што секојдневно се дополнуваа со нови и се зголемуваа како што растеа синовите.

Кога децата ќе тргнат во училиште, најважни предмети треба да им бидат ликовно, музичко и физичко, зашто сите вештини ќе се развијат преку тие предмети.
Во долгогодишната едукативна практика како наставник по ликовно во две државни училишта, ООУ „Петар Поп Арсов“ и ООУ „Војдан Чернодрински“, и како ментор во моето приватно ликовно студио „Арс вивенди“, имам забележано три типа ученици:
Визуелни репродуктивци: тоа се ученици со одлични способности за перцепција и забележување на сето она што ги опкружува, но имаат потреба предметот што го цртаат да го гледаат.

Имагинативни креативци: кои не сакаат да го гледаат тоа што го цртаат, туку креираат на свој посебен и уникатен начин, како во цртежот така и во употребата на бојата.
Универзални творци: тип на ученици со комплетен и универзален талент. Способни да забележуваат, воочуваат, креираат и решаваат секакви ликовни проблеми без ограничувања и страв.

Дисциплината и упорноста се, исто така, важни компоненти што се развиваат кај децата со континуирано цртање. Една од главните придобивки од креативното изразување со цртеж и боја е можноста децата да го ослободат и развијат целиот свој внатрешен потенцијал. Во современиот свет, кој брзо се менува, уметноста и креативноста станаа важен фактор во сите сегменти на современите професии. Оние што ги развиле имагинацијата и креативноста во рана возраст многу полесно ќе се снајдат и ќе се приспособат на модерниот начин на живеење и она што го бара животот од нив.