Денеска онлајн промоција на новата книга
на Снешка Путинска Трајковска

Книгата за деца „Снешко. Дневникот на едно кутре“ од авторката Снешка Путинска Трајковска, со илустрации од Анета Илиевска, денеска, во 19 часот, ќе биде претставена со онлајн промоција. Онлајн разговорот со авторката и илустраторката ќе го води уредничката на изданието Оливера Ќорвезироска, а ќе може да се проследи на фејсбук-страницата на издавачката куќа „Арс ламина“.
„Снешко. Дневникот на едно кутре“ е прво книжевно дело на авторката Снешка Путинска Трајковска, но и илустраторско деби на Анета Илиевска, која многу години работи како графичка дизајнерка, креирајќи корици за книги.
Доверувајќи му го раскажувачкиот глас на едно кутре, повредено и одделено од својата мајка, авторката и илустраторката заеднички и мошне хармонично создаваат симпатична и топла приказна за секојдневието, за закрепнувањето и зближувањето помеѓу животните и луѓето. Со многу досетки и карактеристичен шарм, со јазични игри на границата помеѓу кучешкиот јазик и „јазикот на човеците“, со грешки и сознавања, приказната-дневник на кутрето Снешко, бело како снег, истовремено допира и до децата, но и до возрасните, како, впрочем, секоја добро осмислена книга за најмалите. Палавото секојдневие на кутрето е идентификувано со палавото секојдневие на секое мало суштество, куче, маче или дете, сеедно; но и со топлите, големи и меки срца на љубителите на животни, какво што е срцето на Мила, најдобрата другарка, негувателка и сопственичка на Снешко Беличковски.
Илустрираната книга за деца е во издание на „Либи“, дел од „Арс ламина – публикации“.