Љубомир Грбевски Џери за тинејџери: „(КАЛЕИДО)СКОПСКИ ШЕМИ“

Дај бе, раскажи ја лектирата
да не ме дигне…
А? Може до мене да стигне?!
Кутија „мал Боро“ на голем одмор
знаеш цена…
О-кеј брат, шибај, гајле нема!
Глупа книга, не го дига…
Нешто развлечено ко мастика, знаеш,
да ја читаш ќе рикнеш, ќе се каеш!
Првите 20-30 страници, тоа, вовед,
прва глава
знаеш и сам, се скокаат од старт,
мислам, она, стопроцентен шкарт!
На средината имаше, знам една фора,
чекај… Да ми текне… Мммм…
Добро, ај, не мора!
А бе, типов се борел во некоја војна
па збркал риба, прекубројна…
И демек ѝ побарал рака, а добил нога!
Лигав „лав стори“, мислам тие фори…
Да ја разбереш, брат, теорија нема…
Што е бе, имаш трема?!
Писателот ти е женска, така некако Сара…
Некоја ко Библија стара!
Добила ли Нобелова, така нешто…
А бе, смешно!
И дај не ме дави, дај да се смееме
и без оваа лектира, ќе преживееме!

Веќе немам здив, се задушив!

Не смеете мобилните да ги вклучувате на час,
не смеете да викате на сиот глас,
не смеете бучава да кревате,
не смеете да се задевате…
Стопати ви се кажало веќе
не смеете од школскиот двор
да берете цвеќе,
ни трева да газите,
кога минувате улица, да внимавате,
да пазите!
Не смеете да трчате, да паѓате, да досаѓате,
да се валкате, да се потите,
безобразно да ломотите,
глупости да траскате,
не смеете колената да ги издраскате!
Не смеете комшиското кутре да го галите,
не смеете оган да палите…
Не смеете повеќе од полчас
пред компјутер да седите,
ќе станете зависници,
очите ќе ги повредите…
Eeej, веќе немам здив… Се задушив!
Е, стварно се оток,
стварно имам голем притисок,
бетер од „Војна и мир“, прв том…
А, родителите да ги пратиме
во поправен дом?!

Испрашување

Се отвора дневникот, беда (!)
в лице сум блед ко креда
а, срцево ми првка, првка,
работава ми е врвка!
Ќе дере по ред, наназад, по број?
Е овој е каубој…
Си велам: Е, ова веќе е познато клише,
овој со нас, табла ќе избрише!
Требаше да збришам од овој час
но дали ќе ме криеше цел клас?
Ќе ме фати на прва кривина,
овој е „џек“, прва виолина!
Да се извлечам имам сè помалку шанса,
да мувам нешто, да паѓам во транс, а?
Ова ти е прпа,
калибар голем,
да речам: Бев болен?
Црни мисли, на тони, тони
и одеднаш, ураааа… ѕвони!

* * *
Туф, туф…
Дедо, ти бе, да не си малку наглув?!
Е, сега од страв,
баш смрзнав!
Мпфф, ај не збори:
Такви ли биле тогаш
школските фори?!
Романтични глупи вазни,
ѕвездени амфори…
А бе, не го влечи
за опаш лавот,
професориве денес
ни го имаат стравот!


За авторот

Љубомир Грбевски е роден во Скопје, во 1953 година. Неколку години работи во библиотеката на ССМ, а поголемиот дел од работниот век го поминува како новинар во повеќе медиуми – во ревијата „Екран“, во дневниот весник „Македонија денес“, во неделникот „Денес“… Како новинар и музички критичар, пред сè е познат по написи и рецензии за македонската и светската рок и џез-музика.
Покрај новинарската активност, пишува и белетристика – рок-поезија, како и песни и драмски текстови за урбана тинејџерска популација. Збирката „Стихови празни и рими безобразни“ – антипесни за тинејџери, е негова дебитантска книга, која доживеа две изданија (1991 и 1992 година, се појавува во издание на Културно-просветната заедница – Скопје). Неговата книга со наслов „(Хоро)скопски шеми“ во печат се појавува во 2009 година, во издание на Дирекцијата за култура и уметност – Скопје. Во 2016 година се појавува неговата книга „Бајки тралалајки“ за „урбани клинци и напредни мајки“,
во издание на Дирекцијата за култура и уметност – Скопје, а во 2019 книгата „Лет со умот, кон папокот на универзумот“, повторно во издание на истиот издавач. Неговата пиеса „Сликата на Доријан Змеј“ е влезена во Антологијата на драмски текстови за деца и млади (во издание на книгоиздателството „Феникс“, во 2013 година), а пак бајката „Мал крал“ е влезена во Антологијата на македонски авторски бајки (во издание на книгоиздателството „Феникс“, во 2014 година). Неговата пиеса „Како шутот доби на дар, работно место да стане цар“ е снимена како радиодрама во 2018 година. Пет негови песни се влезени во Антологијата на најсовремената македонска поезија за деца и млади „Тоа сум јас“ (во издание на фондацијата за културна и научна афирмација и презентација „Македонија презент“, во 2017 година).