Пиесата за деца и млади „Дрн-Дрн и морето од приказни“ на писателот Трајче Кацаров претставува интересен, волшебен сплет на реалното и на имагинарното. Авторот на еден вешт начин, навидум преку едноставен пристап, го врамува дејството во единаесет часа од денот, во осумнаесет сцени, преку ликови што носат имиња, интересни за детскиот свет. Освен Дрн-Дрн, ќе ги сретнеме и Црвот Бор, Сонко Бонко и многу други. Преку нив, Кацаров на алегоричен начин ги претставува карактеристиките на возрасните, а со тоа и нивните морални вредности.
Делото се базира на романот „Харун и морето од приказни“ од Салман Ружди. Но Кацаров, не само што ги сменил имињата туку Руждиевиот роман го претворил во драмски текст.

Дрн-Дрн бил мајстор за раскажување, па го ангажирале дури и политички парии и со негова помош секогаш победувале. Но ненадејно тој ја загубил моќта за раскажување, а неговиот син Сонко Бонко патувал 11 часа за да најде лек за својот татко. Патувањето почнало во Тажниот Град, а целта била да се пронајде морето од приказни, кое било отруено. Храбриот Сонко успева и Дрн-Дрн повторно може да ги раскажува своите приказни…
– Со остварувањето на сонот на Сонко, авторот Трајче Кацаров, всушност ја истакнува својата верба во највисоките етички вредности, а наедно ја испраќа пораката за можното покајување на човекот, преку ликот на Рајничка-Покајничка, преку моќта на љубовта, односно преку мотото што се повторува во последните неколку сцени: „Љубовта е таа што победува“ – напиша во својата рецензија Валентина Миронска-Христовска.
Книгата, за која авторот Трајче Кацаров вели дека е неговото најдобро дело напишано за деца и млади, ја издаде „Просветно дело“.