„Очи широко затворени“ – последната мистерија на Стенли Кјубрик

Шеснаесетти јули 1999-та: премиера на едно од најконтроверзните остварувања на модерната кинематографија

  • Филмот пристигна во јавноста само неколку месеци по смртта на Кјубрик, што дополнително ја засили неговата мистериозност. Многумина го доживуваат како негов духовен тестамент, дело во кое режисерот ги синтетизира сите теми што го преокупираа во текот на својата кариера: човечката природа, моќта, сексуалноста, контролата, насилството, привидот на слободата и сложениот однос меѓу свеста и потсвеста

Последното дело на Стенли Кјубрик не е само психолошки трилер, еротска драма или мистерија за една брачна двојка. Тоа е филм што ја преиспитува самата природа на реалноста, желбата, моќта и човечката свест. Во него ништо не е случајно, секоја маска, секој поглед, секоја сенка, секоја музичка тема и секој предмет во кадарот функционираат како делови од сложен симболички мозаик. Не е случајно што повеќе од две децении по неговото премиерно прикажување, „Очи широко затворени“ („Eyes Wide Shut“) продолжува да биде предмет на бескрајни анализи, различни толкувања и жестоки полемики. За некои тоа е приказна за кревкоста на бракот, за други критика на елитите и нивните затворени кругови на моќ, а за трети езотерична медитација за човекот што живее со „широко затворени очи“. Веројатно токму во таа повеќеслојност лежи неговата најголема вредност. Тоа не е филм што може конечно да се дешифрира, туку дело што со секое ново гледање открива нови значења.
Филмот пристигна во јавноста само неколку месеци по смртта на Кјубрик, што дополнително ја засили неговата мистериозност. Многумина го доживуваат како негов духовен тестамент, дело во кое режисерот ги синтетизира сите теми што го преокупираа во текот на својата кариера: човечката природа, моќта, сексуалноста, контролата, насилството, привидот на слободата и сложениот однос меѓу свеста и потсвеста.
Во центарот на приказната се докторот Вилијам Бил Харфорд (Том Круз) и неговата сопруга Алис (Никол Кидман), брачна двојка чија навидум совршена стабилност почнува да се распаѓа кога Алис признава дека во еден момент сериозно размислувала да го напушти сопругот поради непознат морнар кого го видела само еднаш. Таа исповед, изговорена без патетика, но со искреност, го разнишува целиот свет на Бил. Од тој миг започнува неговото долго ноќно патување низ улиците на Њујорк, кое повеќе потсетува на сон отколку на реалност.
Кјубрик никогаш не бил заинтересиран за класичен реализам. Напротив, целиот филм е изграден така што постојано ја доведува во прашање границата меѓу реалното и имагинарното. Просторот изгледа препознатлив, а сепак нереален; улиците се истовремено вистински и театарски; ликовите се движат како низ некаква колективна хипноза. Гледачот постепено сфаќа дека присуствува на внатрешно патување низ човечката психа.
Токму затоа многумина го толкуваат филмот како современа одисеја низ несвесното. Бил е човек што ја претставува рационалната свест. Тој е успешен лекар, образован, самоуверен и убеден дека светот функционира според јасни правила. Но признанието на Алис ја руши таа сигурност.
Одеднаш сфаќа дека желбите, фантазиите и несвесните импулси не можат да се контролираат ниту со разум ниту со општествени норми.
Неговото ноќно талкање може да се гледа како симболично нуркање во сопствената потсвест.

Секоја личност што ја среќава, секое искушение и секоја опасност претставуваат различен аспект на неговата личност – стравот, љубомората, вината, потиснатата желба и егото, кое постепено се распаѓа.
Алис, пак, не е само сопруга во класична драмска смисла. Таа е архетипски женски принцип, отелотворување на интуицијата, мистеријата и несвесното. Додека Бил се обидува рационално да ја разбере вистината, таа интуитивно знае дека човекот никогаш не може целосно да ја контролира сопствената природа. Во таа смисла, нивниот брак станува метафора за судирот меѓу разумот и несвесното, меѓу машкиот и женскиот принцип, меѓу контролата и слободата.
Најмоќниот сегмент од филмот е секако сцената со тајниот ритуал. Оваа секвенца одамна ја надмина рамката на кинематографијата и прерасна во културен феномен. На прво гледање, таа изгледа како приказ на забранета сексуалност. Но нејзината суштина е многу покомплексна.
Маските што ги носат учесниците не се само реквизити. Тие претставуваат симбол на човековата поделена природа, разликата меѓу она што сме и она што му го покажуваме на светот. Маската ја крие индивидуалноста, но истовремено го ослободува човекот од одговорноста за сопствените постапки. Во светот на Кјубрик, речиси сите носат маски, без разлика дали се буквални или метафорични.
Оргијастичкиот ритуал може да се толкува како алегорија за затворените структури на моќ што егзистираат надвор од хоризонтот на обичниот човек. Кјубрик никогаш не дава конкретни одговори кои се тие луѓе и што претставуваат. Наместо тоа, тој креира чувство дека постои паралелен свет во кој моќта, богатството, политиката, духовноста и сексуалноста се испреплетени во еден единствен систем на контрола.
Како и во повеќето филмови во авторство на Кјубрик и тука особено впечатлива е употребата на музиката. Наместо да ја засили еротиката, таа создава чувство на литургиска мистерија. Светото и профаното се судираат во ист простор, претворајќи го ритуалот во вознемирувачка церемонија што повеќе потсетува на древен окултен обред отколку на сцена исполнета со сензуалност.
Од филозофска перспектива, патувањето на Бил би можело да се разбере и како алхемиски процес. Во алхемијата, првата фаза – nigredo – претставува темнина, распаѓање и соочување со сопствената сенка. Токму тоа му се случува на главниот лик. Тој постепено ги губи сите свои илузии: за сопругата, за себе, за општеството и за светот во кој живее. Секој негов чекор го води кон сè подлабоко преиспитување на сопствениот идентитет.

Еден од најсилните симболички моменти е сцената во која Бил ја пронаоѓа изгубената маска на својата брачна постела. Тоа е миг кога сите негови одбранбени механизми конечно се распаѓаат.
Маската повеќе не е предмет преостанат од тајниот ритуал, ами доказ дека никој не може да избега од сопствената вистина, каква и да е таа. Во тој момент се руши неговата самодоверба, а со неа и илузијата дека човекот може целосно да го контролира својот живот.
Најголемиот парадокс на филмот е содржан уште во самиот наслов. „Очи широко затворени“ е состојба во која човекот мисли дека гледа, а всушност е слеп за состојбата на нештата. Тоа е свет во кој информациите се достапни, но вистината останува скриена; свет во кој веруваме дека сме слободни, додека незабележливо функционираме во рамките на различни системи на моќ, авторитет и манипулација.
Во визуелна смисла, „Очи широко затворени“ е едно од најсовршено дизајнираните дела на Кјубрик. Секоја боја, секое движење на камерата, секој извор на светлина и секој предмет во кадарот имаат драматуршка и симболичка функција. Божиќните светилки, кои постојано треперат низ филмот, создаваат чуден контраст меѓу интимната топлина и студенилото на светот што го опкружува главниот лик.
Со својот последен филм, Стенли Кјубрик не ја затвори само својата богата филмска кариера. Тој остави едно од најголемите филозофски сведоштва што кинематографијата ги создала на самиот праг на новиот милениум. „Очи широко затворени“ истовремено е психолошки трилер, љубовна драма, егзистенцијална студија и езотеричен лавиринт од симболи.
Можеби токму затоа последниот филм на Кјубрик не треба да се гледа како крај на една величествена кариера, туку како нејзина конечна синтеза. Ретки се оние автори што успеваат да го претворат својот последен филм во огледало на целокупното свое творештво. Кјубрик го направи токму тоа.