Фантастичната драма на Кетрин Денев го отвори Бусан

На отворањето на годинашниот филмски фестивал во Бусан (2 октомври – 11 октомври) беше прикажан последниот филм на познатата актерка Кетрин Денев, своевидна фантастична драма.
Клер (Кетрин Денев), светски позната пејачка на шансони, паѓа во очај откако го губи своето сакано милениче. Верувајќи дека ќе остане верна на својата професија во тешки времиња, таа патува во Токио на концерт. Таму ја чека Јузо (Сакаи Масааки), кој никогаш не ја запознал лично, но цел живот е нејзин жесток обожавател. Некогаш беше член на популарна група, но сега живее осамен живот со неизлечива болест по разводот. Неколку дена пред долгоочекуваниот концерт, тој умира додека дома го слуша винилот на Клер. Неговиот син (Такенучи Јутака) ја посетува куќата на Јузо за да ги уреди неговите работи, а потоа присуствува на концертот на Клер наместо неговиот татко. Концертот завршува успешно со многу пофалби. Сепак, и Клер ненадејно умира. Спротивно на нејзиното верување дека ништо не постоело по смртта, таа е на овој свет како душа, што многу ја збунува. За среќа, набрзо ја запознава душата на Јузо и покрај јазичната бариера, тие се разбираат и се тешат. Клер бара одговори што можеби никој друг ги нема, а Јузо се нуди да ѝ биде водич.
Режисер на оваа продукција е наградуваниот сингапурски творец Ерик Ко.


„Нова година што никогаш не дојде“ најгледан во Романија

Откако беше прогласен за најдобар филм на годинашниот филмски фестивал во Венеција, во категоријата „Хоризонти“, романскиот „Нова година што никогаш не дојде“ беше најгледан во својата земја минатата недела, со заработка од 122.280 долари во првата недела.
Овој филм е всушност трагикомедија чие дејство се одвива во еден ден, пред Револуцијата во 1989 година, во која ликовите бараат нормалност, сигурност, љубов, слобода и смисла во апсурден свет поттикнат од страв.
Режисер и сценарист на оваа продукција е познатиот и признаен креатор на кратки филмови – Богдан Муресану, за кого ова е прво долгометражно дело.


„Црна точка“ – приказна за унгарски бунтовник

Претходната недела најгледан филм во Унгарија, откако освои двојна награда на филмскиот фестивал во Локарно, беше тамошниот „Црна точка“, (или „Научена лекција“ на англиски јазик), со заработени 74.521 долари на неделата на отворање.
Младиот учител Јучи се бунтува против архаичните училишни методи додека Палко, нов ученик, се бори да се приспособи на напорниот унгарски образовен систем. Нивните приказни ги одразуваат социјалните аномалии и репресијата.


Главна награда на Кан за актерката Анасуја Сенгупта во крими-трилерот „Бесрамните“

Швајцарско-француско-бугарско-тајванскиот крими-трилер „Бесрамните“ ѝ ја донесе на главната актерка Анасуја Сенгупта главната награда на годинашниот Филмски фестивал во Кан во категоријата „Хоризонти“.
Откако уби полицаец во бордел во Делхи, Ренука се засолни во заедница на сексуални работници во северна Индија. Таму започнува забранета романса со 17-годишната Девика. Без разлика на сѐ, тие се обидуваат да го најдат патот до слободата.
Режисер и сценарист на оваа продукција е бугарскиот творец Константин Бојанов, автор на играните филмови „Светлина потоа“ и „Аве“.


По победите во Мотовун и Палиќ, најгледан во својата земја

По победата на филмските фестивали во Мотовун и Палиќ, како и во Осло, исландскиот „Љосброт“ беше најгледан минатата недела и по премиерата во својата земја.
Уна се бори со тагата додека крие тајна и не може целосно да ги изрази своите емоции, додека се движи низ предизвикувачките настани што се вртат околу неа.
Режисер и сценарист на оваа продукција е угледниот Рунар Рунарсон, чиј претходен филм „Бергмал“ од 2019 година исто така беше наградуван на многубројни фестивали.