Чешка како и повеќе други европски земји е растргната меѓу САД и Кина. Додека едни политичари го нагласуваат сојузништвото со Американците, други гледаат огромни економски можности во соработката со Кина
Кога кинескиот претседател Си Џинпинг и неговиот чешки колега Милош Земан наздравија со пиво во Прага во 2016 година, тие ја поздравија ерата на продлабочена економска соработка – Пекинг ќе инвестира милијарди долари во Чешка, а Земан, за возврат ќе ја фали Кина како бизнис-партнер за Европа. Земан оттогаш е голем поддржувач на Пекинг, особено на кинескиот телекомуникациски гигант „Хуавеи“, промовирајќи ги напорите на компанијата за ширење на најновата генерација на безжичната технологија, позната како 5Г, во Чешка. Но улогата на „Хуавеи“ се најде под засилена домашна истрага во земјата, при што чешката агенција за сајбер-безбедност ја означи како закана. Тоа предизвика политичка расправа, која во различни форми се одвива низ Централна Европа и во светот. Тоа ја стави Чешка во центарот на геополитичката битка помеѓу САД, нејзиниот долгогодишен сојузник и демократија, и растечката економска тежина на Кина.
„Хуавеи“ се наоѓа во центарот на големиот трговски спор помеѓу администрацијата на Трамп и Кина, па ,така, караниците во Чешка се микрокосмос на дебатата што беснее низ Европа – дали да се поддржи Вашингтон, под ризик на одложување на интегрирањето нова технологија, што може да го постави курсот за бизнис во модерната ера. Оваа тензија сега се одигрува на многу јавен начин: чешкиот премиер Андреј Бабиш разговара со претседателот Доналд Трамп во Белата куќа, пред Земан да оди во Пекинг на разговори со кинеското лидерство.
– Чешка и многу други земји сега седат на две столчиња што се разделуваат. Оваа шизофрена позиција, кога еден дел од политичкиот естаблишмент гледа кон Исток, а другиот кон Запад, на крајот ќе мора да се реши. Ќе мора нешто да се жртвува – истакнува Мартин Хала, директор на прашкиот политички институт „Проџект синопсис“.
Технологијата 5Г, која се наоѓа во рана фаза на ширење низ светот, ветува трансформација на цели индустрии и економии, и ќе биде основата на комуникациската инфраструктура на земјите. Само неколку компании поседуваат технологија и глобален капацитет за изградба на такви системи, а „Хуавеи“ е една од нив. Компанијата инсистира дека е приватна фирма, без официјални врски со кинеската влада, но функционерите во многу земји, меѓу кои САД, но исто така и Индија и Нов Зеланд, се скептични. Во Канада, главната финансиска директорка на „Хуавеи“, која исто така е и ќерка на основачот на компанијата, се соочува со екстрадиција во САД, поради обвинувањата за измама.
Во Европа, остри се поделбите околу „Хуавеи“. Британските власти соопштија дека може да се справат со секој ризик од „Хуавеи“, но Германија размислува за построга контрола на компанијата. Дури и помеѓу централноевропските земји, познати како Вишеградска четворка, ставовите се разликуваат. Унгарија и Словачка порачаа дека не ја гледаат компанијата како закана, но Прага и Варшава беа повнимателни, при што Полска во јануари уапси вработен во „Хуавеи“, поради обвинувања за шпионирање.
Чешките разузнавачки служби лани предупредија дека „Хуавеи“ и ЗТЕ, уште една кинеска технолошка компанија, претставуваат ризик за националната безбедност и оти се алатки за кинеска шпионажа. Земан ги отфрли таквите оцени и ја обвини домашната агенција за сајбер-безбедност дека користи валкани трикови за поткопување на кинеските бизнис-врски, на чие воспоставување тој напорно работел. Одлуката за означување на „Хуавеи“ и ЗТЕ за национална безбедносна закана предизвика државна истрага за технологијата што ја користат владините министерства. По ова, чешката даночна служба го блокира „Хуавеи“ од учеството во сега поништениот тендер за изградба на даночен онлајн-портал, додека, пак, Министерството за одбрана им нареди на своите вработени да ги избришат чувствителните податоци од своите телефони „хуавеи“.
Иако значително внимание е фокусирано на руските кампањи за дезинформирање и наводните напори на Москва за влијание на изборите во Европа и во Северна Америка, некои од безбедносните служби тврдат дека кинеските напори претставуваат иста, ако не и поголема закана. Поради очигледните врски на „Хуавеи“ со Владата во Пекинг, доколку компанијата им го изгради целиот телекомуникациски систем на земјите, тогаш Кина би можела да добие со огромна предност над нивните комуникации и нивните економии.
– Кинезите се многу активни тука. Тие не сакаат да ги поткопаат нашите односи со НАТО, или со ЕУ, за разлика од Русија. Тие сакаат од нас да извлечат што е можно повеќе технолошки информации – истакнува генералот Андор Шандор, бивш шеф на чешкото воено разузнавање.
Сепак, и покрај реалните геополитички последици од тоа што се случува во Чешка, спорот околу „Хуавеи“ исто така е домашна политичка караница помеѓу претседателот Земан и премиерот Бабиш, кои се обидуваат да играат на различни страни, за да добијат со предност. По добивањето на мандатот во 2013 година, Земан не ги крие своите силни врски со кинеските компании, уште пред „Хуавеи“, како што е „ЦЕФЦ Чајна енерџи“, која во Чешка инвестираше над една милијарда долари за само неколку години. Од друга страна, и Бабиш, вториот најбогат човек во Чешка, активно ги поддржува американските бизниси. Па, така, тој во јануари се сретна со Тим Кук, директорот на „Епл“, и Џон Донован, директорот на „Еј ти енд ти“, по што порача дека ја поканил „Еј ти енд ти“ да ја развијат мрежата 5Г во Чешка и оти Кук се согласил да отвори продавница на „Епл“ во Прага.