За многу луѓе одењето на интервјуа за работа претставува голем стрес, додека за други, пак, е шанса да заблескаат

Што носат новите технолошки напредоци во дигиталниот свет

Обично кога одите на интервју за работа очекувате да ве пречека човечко суштество, потоа или влегувате во застрашувачка канцеларија со еден или повеќе шефови, кои седат зад бирото спроти вас, или се изведува преку повик на платформата „Зум“ додека зад екранот ги кршите прстите од стрес.
Сепак, благодарение на напредокот во вештачката интелигенција (ВИ) и технологијата за виртуелна реалност (ВР), наскоро може да бидете интервјуирани за онаа работа што навистина ја сакате со компјутер.
Претходно оваа година, студентите на колеџот „Сендвел“ во Вест Бромвич користеа визири за виртуелна реалност за да направат неколку пробни виртуелни интервјуа. Преку нивните аватари, налик на ликови цртан филм и практично се претстави на самите нив во 3Д, тие ги презентираа своите вештини во виртуелната реалност со помош на софтверскиот систем за вештачка интелигенција.

Помош за студентите да ги развијат своите комуникациски вештини

Системот за вештачка интелигенција што го користеа студентите е направен од лондонската компанија „Бодисвапс“. Прашањата и барањата што ги поставуваат интервјуираните се движат од директното „кажи ми за твоите најголеми достигнувања“, до попредизвикувачките „дали претпочиташ да те сакаат или да ти се плашат?“ Корисникот потоа добива повратна информација, не само за она што го кажал туку и за начинот како се изразува, дали одржува контакт со очите со аватарот на оној што го врши интервјуто, па дури и за нивното држење.
Главниот извршен директор на „Бодисвапс“, Кристоф Малет, вели дека идејата е луѓето да можат да продолжат да вежбаат со симулираните интервјуа за работа сè додека не се чувствуваат подготвени за интервју во реалниот живот. Тој верува дека технологијата има шанса да им ги подобри условите за кандидати од помалку богатите средини, кои инаку немаат можност да се подготвуваат и усовршуваат за интервјуа за работа во професионална средина.
„Бодисвапс“ ги лансира своите симулации за интервјуа минатата година и вели дека главна цел се училиштата, факултетите и универзитетите, за нивните студенти да можат да вежбаат пред да влезат на пазарот на трудот. Нејзиниот деловен модел е базиран на претплата, при што износот што една институција треба да го плаќа секоја година зависи од тоа колку луѓе го користат системот.

Во Шведска веќе се користи софтвер за виртуелни интервјуа

Додека „Бодисвапс“ моментално е фокусиран на симулирање интервјуа за работа, технологијата за вештачка интелигенција на шведската фирма „Тенгаи“ веќе им дозволува на фирмите во реалниот свет нивните првични интервјуа за работа да ги извршува компјутер. Софтверот за вештачка интелигенција е претставен како лик од цртан филм што зборува и се појавува на екранот на компјутерот или паметниот телефон на кандидатот. Тој поставува листа на прашања, а потоа снимените одговори се користат за да им помогнат на регрутерите да подготват потесни списоци за работни места. Извршната директорка на „Тенгаи“, Елин Оберг Мартензон, вели дека главната цел на софтверот е да избегне правење погрешни претпоставки, како што е судење некого според изгледот.

Дали виртуелните интервјуа се навистина магично решение?

Но иако може да биде примамливо да се гледаат технологијата на вештачка интелигенција и виртуелна реалност како магично решение за избор на вистинскиот кандидат за работа, адвокатката Сузан Томпсон вели дека треба да бидеме претпазливи.
– Мораме да запомниме дека вештачката интелигенција сè уште е во суштина создадена од човек. Прво и најважно, би го запрашала секој работодавец што размислува да ја користи, било да е тоа во фаза на интервју или дури и во последна фаза, дали го разбира и до кој степен е разговарано со програмерот за тоа кои точки на податоци ги користи? Дали софтверот е тестиран за да се елиминира пристрасноста? Дали ја елиминира родовата пристрасност и како го прави тоа? – прашува адвокатката.
Томпсон, сепак, изрази сомнежи во залагањето вештачката интелигенција да се користи исклучиво во процесот на интервју. Таа смета дека некаде треба да има некаква човечка интервенција во целиот процес.