Отровниот смог во источен Пакистан разболе илјадници луѓе, принудувајќи ги властите да затворат некои градови до крајот на неделата

Смогот во вториот по големина град во Пакистан, Лахоре, се искачи на опасни нивоа. Владата на провинцијата Пенџаб нареди училиштата, канцелариите, трговските центри и парковите во три града, вклучувајќи го и Лахоре, да бидат затворени до недела.
Пакистанската провинција Пенџаб се граничи со истоимената индиска држава.
Во текот на изминатите неколку дена, индексот за квалитет на воздухот (AQI) во Лахоре – кој го мери нивото на ситни честички во воздухот – лебдеше околу 400. Нивоата на AQI на или под 100 генерално се сметаат за задоволителни.
Лахоре се граничи со индискиот град Амритсар. Северна Индија исто така страда од влијанието на токсичниот смог.
Загадувањето на воздухот во индискиот главен град Делхи се искачи на алармантно ниво. Во вторникот, 7 ноември, индексот на квалитетот на воздухот во индиската престолнина достигна 300, речиси достигнувајќи ги опасните нивоа од 301-500.
Некои жители на Лахоре изјавија за Би-би-си дека штетната атмосфера е честа појава што сериозно влијае на нивното здравје и другите секојдневни активности.
– Се чувствуваме како оваа отровна атмосфера да стана дел од нашите животи. Одам на различни пунктови за да пазарам производи и кога си одам дома по долгиот ден, очите ми се црвени и иритирани поради загадениот воздух. А потоа ми влијае на работата, поради тоа што често сум болен. Во моментов имам настинка, болки во грлото и кашлица – рече продавачот Амер Хамза, чија работа бара тој да биде надвор и на мотор во поголем дел од денот.
Сара Зишан рече дека на нејзината едно и полгодишна ќерка ѝ е тешко да јаде и пие бидејќи смогот довел до формирање плускавци насекаде околу устата.
Постојаната изложеност на смог може да доведе до долгорочно оштетување на здравјето, вклучувајќи и рак на белите дробови.
Некои експерти сметаат дека согорувањето на остатоците од културите за подготовка за зимската сезона на садење е клучна причина за загадувањето на воздухот. Пакистан минатата недела соопшти дека ќе го отвори ова прашање со индиските власти на дипломатско ниво, објавија локалните медиуми, без да наведат дополнителни детали. Но експертите забележаа дека, исто како и во Индија, земјоделците во Пакистан исто така прибегнуваат кон палење на стрништата за да се подготват за новата сезона на садење.
Медицинските установи, продавниците за храна и бензинските пумпи остануваат отворени во Пенџаб. Властите ги советуваа жителите да носат маски доколку мора да излезат надвор.
Екологистот Рафи Алам рече дека владините политики насочени кон борба против смогот „се прават само набрзина и немаат никаква корист“.
– Додека не препознаете проблем како проблем, како можете да го поправите? Дали со посипување вода или затворање училишта три дена во неделата ќе се реши проблемот со смогот – рече тој.
Според индексот за квалитет на воздухот што го изработи Универзитетот во Чикаго, загадувањето на воздухот го скратува животот на луѓето за речиси седум години во најзагадените региони во Пакистан, вклучувајќи го и Лахоре.