Појавата на Карлес Пуџдемон во Барселона, главниот град на Каталонија, и неговата игра на „мачка и глушец“ со полицијата го привлекоа вниманието кога се прогласуваше нов претседател во регионалниот парламент
Поранешниот каталонски сепаратистички лидер се врати во Шпанија, пред повторно да исчезне
Полицијата во Барселона завчера почна потера по бегалецот Карлес Пуџдемон, прославен борец за независност на Каталонија, кој направи сензационално враќање во Шпанија и еднакво сензационално бегство од местото каде што држеше говор во Барселона, со наводна помош на локалните полицајци. Ваквите настани се случија речиси седум години откако поранешниот лидер на Каталонија побегна од Шпанија по неуспешниот обид за независност на Каталонија, додека против него беше издадена потерница.
Пуџдемон претходно ја објави својата намера да биде во Шпанија на денот кога каталонскиот парламент го прогласи новиот претседател. Шеесет и едногодишникот првично живеел во Белгија по заминувањето од Шпанија во 2017 година, но неговото последно место на живеење не е познато. Пуџдемон ги чуваше во тајност своите планови за патување, пред да замине во богатиот каталонски регион во североисточна Шпанија. Тој одржа говор пред голема толпа поддржувачи во центарот на Барселона под носот на полицајците, кои не се обидоа да го приведат. По неговиот говор, Пуџдемон мистериозно влегол во соседниот шатор. Тој набрзина излегол оттаму и скокнал во автомобил што чекал, кој брзо се оддалечил, според фотографот на „Асошиејтед прес“, кој бил сведок на неговото заминување.
Уапсени двајца полицајци осомничени за помагање на бегството
Каталонската полиција уапси двајца локални полицајци за наводна вмешаност во бегството на Пуџдемон, сомневајќи се дека поранешниот лидер го користел приватниот автомобил на еден од нив, изјавија за „Асошиејтед прес“ од прес-службата на полицијата, без да споделат дополнителни детали.
Откако Пуџдемон исчезна, каталонската полиција ги проверуваше возилата низ градот со околу 1,6 милион луѓе и други што се упатуваа по автопатиштата кон соседна Франција во обид да го фати. Проверките беа прекинати неколку часа подоцна.
Пуџдемон подоцна сподели видео од неговиот говор на Инстаграм со пораката „Сè уште сме тука. Да живее слободна Каталонија“.
Полицајците првично се воздржаа од обидот да го уапсат Пуџдемон поради загриженост дека потегот може да „предизвика јавен неред“, се вели во соопштението на полицијата. Полицајците се обиделе да го запрат возилото што бегало, но не можеле да го направат тоа, како што се вели, иако се додава дека се очекуваат дополнителни апсења.
Каталонските полициски сили дејствуваат одвоено од шпанската полиција. За време на гласањето во 2017 година, шпанската влада го суспендираше шефот на каталонската полиција и ги стави силите под истрага, поради неуспехот да го запре гласањето. Началникот и неговиот персонал на крајот беа ослободени.
Пуџдемон се соочува со обвиненија за проневера, во обидот да ја отцепи Каталонија од остатокот од Шпанија во 2017 година. Како регионален претседател и лидер на сепаратистичката партија во тоа време, тој беше клучен играч на референдумот за независност што беше спроведен и покрај забраната од централната влада. Тие настани предизвикаа политичка криза што ја тресеше Шпанија со месеци.
Играта на „мачка и глушец“ ѝ штети на угледот на Шпанија
Појавата на Пуџдемон во Барселона, главниот град на Каталонија, и неговата игра на „мачка и глушец“ со полицијата го привлекоа вниманието кога се прогласуваше нов претседател во регионалниот парламент. Локалната полиција беше распоредена во безбедносен прстен околу делот од паркот каде што се наоѓа зградата на каталонскиот парламент и каде што се очекуваше Пуџдемон да се упати по својот говор. Во меѓувреме, политичарот, облечен во темен костум, бела кошула и вратоврска, со приврзаниците отиде до блиската бина каде што го одржа својот говор. Обраќајќи ѝ се на толпата во паркот и на моменти држејќи стегната тупаница, Пуџдемон ги обвини шпанските власти за „пресметување“ со каталонското сепаратистичко движење.
– Во последните седум години бевме прогонувани затоа што сакавме да го слушнеме гласот на каталонскиот народ. Тие ги претворија Каталонците во нешто сомнително – рече Пуџдемон, додавајќи дека „сите луѓе имаат право на самоопределување“.
Неочекуваниот пресврт на настаните, емитуван во живо на шпанските телевизиски канали, веројатно ќе донесе политички обвинувања. Лидерот на Народната партија, главната опозиција на шпанската коалициска влада од левиот центар, која долго време го негираше движењето за независност на Каталонија, го осуди враќањето на Пуџдемон. Алберто Нуњез Фејо објави на социјалната мрежа Икс дека повторното појавување на Пуџдемон е „неподносливо понижување“ што му наштети на угледот на Шпанија.
Каталонија по 14 години доби влада што не се залага за независност
Владата на Шпанија го охрабри договорот постигнат по неколкумесечниот ќор-сокак меѓу Каталонската социјалистичка партија (ПСЦ) на Салвадор Ила и другата главна каталонска сепаратистичка партија и левичарската Ескера републикана (ЕРЦ). Тој договор обезбеди доволно поддршка во каталонскиот парламент за Ила да стане следниот регионален претседател со 68 гласа во 135-члениот дом. Новата влада на Ила е првата што не се залага за независност во последните 14 години, откако ПСЦ последен пат беше на власт. Зборувајќи со каталонските пратеници пред гласањето, Ила повика на помирување и почитување на контроверзниот нацрт-закон за амнестија што на крајот може да го ослободи Пуџдемон од неправилностите, но кој се оспорува на суд. Тој вети дека ќе владее за сите Каталонци, по годините на жестоки поделби меѓу оние што се за независност и оние што се против неа.
Пуџдемон ја посвети својата кариера на создавање нова држава во североисточна Шпанија и честопати се судираше со властите. Неговиот главно бескомпромисен пристап донесе политички конфликт со другите сепаратистички партии, како и со централната влада на Шпанија. Спорниот нацрт-закон за амнестија, подготвен од шпанската коалициска влада предводена од социјалистите, потенцијално би можел да ослободи стотици поддржувачи на каталонската независност од каков било прекршок при гласањето во 2017 година. Централната влада на Шпанија и Уставниот суд во тоа време прогласија дека референдумот е незаконски.
Но, нацрт-законот, одобрен од шпанскиот парламент претходно годинава, е оспорен од судиите на Врховниот суд, кои велат дека неговите одредби не треба да го заштитат Пуџдемон од гонење поради обвиненијата за проневера што се поднесени против него. Пуџдемон може да биде ставен во притвор доколку биде уапсен.