Кинеската мисија до Месечината има цел да го продлабочи човечкото знаење за нејзиното потекло и еволуција - Фото: ЕПА

Интензивен развој на програмите за вселенско истражување

Целта на кинеските астронаути на Месечината ќе биде да собираат примероци околу местото на слетување и ќе извршат истражување на самото место.
Ваквите истражувања ќе помогнат да се продлабочи знаењето на човештвото за потеклото и еволуцијата на Месечината и на Сончевиот Систем

Кина планира да испрати астронаути на Месечината пред 2030 година, според владини извори. Лин Сичијанг, заменик-директор на Кинеската вселенска агенција за мисии со екипаж, на прес-конференција во центарот за лансирање сателити „Џиукван“ во северозападна Кина неодамна соопшти дека вселенските власти на земјата ја започнале лунарната програма за мисија со екипаж.

Лин истакна дека главните цели се да се реализира првото кинеско слетување со екипаж на Месечината пред 2030 година, да се извршат научни истражувања и поврзани технолошки демонстрации на површината на Месечината, да се развие систем за комутација и краткотраен престој за екипажот, но и да се развие интегрирано тестирање човечки робот и други клучни технологии. Официјалниот претставник додаде дека кинеските астронаути ќе одат на Месечината, ќе собираат примероци околу местото на слетување и ќе извршат истражување на самото место. Ваквите истражувања ќе помогнат да се продлабочи знаењето на човештвото за потеклото и еволуцијата на Месечината и на Сончевиот Систем.

За да се реализира оваа мисија, канцеларијата на Лин ги организираше истражувањето и развојот на сите релевантни системи, вклучувајќи ја новата ракета со екипаж „Лонг марч 10“, капсулата за слетување на Месечината и лунарниот костим. Ќе бидат изградени и нови капацитети за тестирање и лансирање ракети, додаде тој. Лин рече дека канцеларијата ќе објави известувања своевремено за да добие научни товари што треба да се носат за време на мисијата со екипаж, како и концептуални дизајни за лунарниот ровер на мисијата.

Според Кинеската академија за технологија за лансирање возила, која е најголемиот производител на ракети-носачи во земјата, „Лонг марч 10“ ќе биде висок 88,5 метри, приближно еднакво на висината на станбена зграда од 31 кат. Гигантската ракета ќе има тежина на подигнување од 2.187 метрички тони и ќе биде способна да транспортира вселенски летала со тежина од најмалку 27 тона до преносната траекторија од Земјата до Месечината.