Фото: ЕПА

Германците сѐ повеќе се жалат на квалитетот на производите во продавниците, но и на измами од страна на производителите

Германија

Прво се зголемија цените, потоа се намали амбалажата, а сега се влоши квалитетот на производот, ова е генералната оцена на германските потрошувачи, кои сѐ повеќе негодуваат на ваквите појави.
Потрошувачите имаат сериозна забелешка дека компаниите ги префрлаат трошоците на нивна страна, особено во супермаркетите и бензинските пумпи. Како што пренесува порталот „Кликс“, советувалиштето за потрошувачи во Хамбург го прогласи маргаринот „рама“ за „измамничко пакување во 2022 година“. Содржината на неговото пакување е намалена од 500 на 400 грама, а цената остана иста – 2,19 евра. Што значи дека овој производ практично поскапел за 25 отсто. Овој феномен стана познат како „стеснета инфлација“.
Порталот наведува дека инфлацијата веќе не е на рекордно високо ниво, туку дека во супермаркетите се појавува нов тренд – производителите не само што ги зголемуваат цените туку и го намалуваат квалитетот на производите.
– Феноменот се шири и во Велика Британија и Германија – изјави за германските медиуми Сабине Хубнер, експерт за квалитетот на давањето услуги.
Како што пишуваа медиумите и претходно, на почетокот на кризата со храна, производителите на помфрит го заменија сончогледовото масло со палмино масло, бидејќи сончогледовото масло повеќе не беше достапно. Почна и наплата на кечап и мајонез како прилог, како и на додатоците што се служат со кафе, што претходно не беше случај во кафетериите и рестораните.
– Она што беше предвидено како итна мерка, сега стана добро прифатена појава – истакна Хубнер.
Иако сончогледовото масло одамна повторно е достапно во доволни количества, според нивните податоци, само еден од анкетираните производители се вратил на поквалитетниот производ.
За клиентите, алармантно е што голем број производители не наведуваат промени на состојките на нивните декларации. Нутритивните вредности повеќе не одговараат на оригиналните податоци. Дополнително, палминото масло се смета за понездраво од сончогледовото поради поголемата содржина на заситени масни киселини.
Хубнер објасни дека тоа се случило бидејќи поради вонредни околности новото пакување не било достапно, па производителите добиле краткорочна дозвола наместо списокот на состојки само во делот едноставно да напишат – „содржи палмино масло, наместо сончоглед“ каде што е наведен рокот на употреба. Ова, вели, поминало незабележано од голем број потрошувачи.
Слични искуства споделува и Центарот за советување потрошувачи во Хамбург, па чоколадите, кои, на пример, порано имаа 45 отсто марципан, сега имаат само 38 отсто, а цените пораснаа, и тоа не незначително.
Во германските продавници, според тамошните медиуми, услугата е сѐ полоша и полоша бидејќи има недостиг од работна сила. Слично е и во центрите за повици за корисничка поддршка, каде што времето на чекање за одговор на операторите станува сѐ подолго и подолго. И банките имаат помалку експозитури, па редиците во експозитурите секојдневно се сѐ подолги. Така е и на аеродромите, хотелите често не ги чистат собите секој ден, додека авиокомпаниите дозволуваат сѐ помали и помали рачни торби додека цените на билетите растат.
– Компаниите се обидуваат да ги пренесат зголемените трошоци врз клиентите и да го дополнат недостигот од персонал – смета Хубнер и додава дека е дрско да се верува дека луѓето не го забележуваат тоа. Таа е уверена дека секој што се чувствува измамено ќе ѝ сврти грб на компанијата или брендот.
Според неа, многумина повеќе не се подготвени да плаќаат високи цени, а како резултат на тоа, лојалноста на брендот се намалува. Хабнер заклучи дека еден начин на одбрана е клиентите да можат да ги оценуваат компаниите и производите. Таа им порача дека благодарение на социјалните мрежи имаат поголема моќ што треба да ја искористат, пренесува „Дојче веле“.