Предупредувања на Светската трговска организација
Една скорашна студија покажа дека самата поделба на светот во два одделни економски блока би можела на подолг рок да доведе до пад на реалниот светски БДП
Државите би требало да размислат двапати пред да ги разделат економиите и синџирите на снабдување во политички блокови, изјави генералната директорка на Светската трговска организација (СТО), Нгоци Оконџо-Ивеала, во интервју за „Политико“, само неколку дена пред министерската конференција на оваа организација. Оконџо-Ивеала, меѓу другото, истакна дека „овој мултилатерален трговски систем се градеше во текот на 75 години и помогна да се извлечат од сиромаштија повеќе од една милијарда луѓе. Тој донесе мир, што всушност му беше и целта, и тоа преку меѓусебна зависност“. Нејзините коментари се одговор наменет за американската министерка за финансии Џенет Јелен, која го промовира концептот за синџири на вредност, за развивање економски релации со политичките сојузници, со оглед на фактот дека ривалството меѓу САД и Кина континуирано расте.
Исто така, сѐ почести се апелите за преиспитување на синџирите на снабдување по нарушувањата во глобалната трговија поради пандемијата на ковид-19 и украинскиот конфликт. Меѓутоа, Оконџо-Ивеала испрати предупредување дека поделбата на овие синџири од политички причини би била штетна за глобалната економија. Една скорашна студија покажа дека самата поделба на светот во два одделни економски блока би можела на подолг рок да доведе до пад на реалниот светски БДП. Оконџо-Ивеала смета дека „ова е време за инвестиции, а не за повлекување од нив“.
Откажување од патентите за вакцини
Фокусирајќи се на проблемите што ќе се разгледуваат на 12-та министерска конференција, позната и како МЦ12, Оконџо-Ивеала покажа внимателен оптимизам дека министрите за трговија ќе постигнат договор за предлогот на одредени земји да им се дозволи да се откажат од заштитата на интелектуална сопственост (ИП) за вакцините против ковид-19, без притоа да се соочат со правни пречки во СТО. Едно од тешките прашања се однесува на тоа дали текстот треба експлицитно да ѝ забрани на Кина, која е голем извозник на вакцини, да може да го искористи ова за да креира генерички верзии на странски вакцини. Оконџо-Ивеала рече дека најавата на Кина за почитување на договорот кај неа донела оптимизам дека може да се дојде до согласност околу прашањево, за кое американските официјални лица нагласија дека е клучно за нивната поддршка на финалниот договор.
Прехранбена безбедност
Украинскиот конфликт ја влоши состојбата со и онака оскудните светски резерви на храна и ги засили стравувањата од зголемена криза со глад. Оконџо-Ивеала верува дека СТО може да направи значајна промена со својата поддршка на декларацијата што е против ограничен извоз на стоките што се користат за хуманитарни цели преку Програмата на ОН за светска храна. Земјите исто така ја разгледуваат можноста и за една поширока декларација, која „ги потврдува нивните добри намери за намалување на ограничувањата и забраните за извоз“, што би можело да донесе значаен резултат на терен во однос на одржување на резервите со храна, како што рече директорката на СТО. Покрај тоа, таа го истакна значењето на ова клучно прашање, зашто веќе има 25 држави што имаат ограничувања и забрани за извоз на храна, па оттука, важно е да се намали таа бројка, или барем да не се дозволи да расте.