Голем дел од Западот, како и од Азија, продолжува да го претпоставува најлошото за Кина, што може да има катастрофални последици. Како што напиша Албер Ками, погрешните идеи секогаш завршуваат со крвопролевање, но секогаш со туѓа крв. За да ја избегнат стапицата на војната, лидерите не смеат да им веруваат на оние што велат дека судирот со Кина е неизбежен

Кеју Џин

Одбележувањето на 70-годишнината од основањето на Народна Република Кина на 1 октомври беше исклучителен потфат, со грандиозни културни настани, екстравагантна државна вечера на која присуствуваа кинески и странски функционери и со голема воена парада на плоштадот „Тијананмен“. Во време на големи тензии со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, настанот беше исполнет со дополнителен патриотски ентузијазам. Но иако Кина има многу да слави, таа исто така има многу работа.
Првите 30 години од владеењето на Комунистичката партија на Кина (КПК) се остро осудени, поради катастрофалните планови, Голем скок напред и Културната револуција.

Но тие децении не беа загубени. Напротив, големи чекори беа направени во модернизацијата на Кина: воспоставени се локални и национални електрични мрежи, зајакнат е индустрискиот капацитет, а човечкиот капитал брзо се подобри. Како резултат на тоа, индикаторите за човечкиот развој во Кина, на исто ниво со Индија пред 70 години, се зголемија. Од 1949 до 1979 година, стапката на писменост се искачи од под 20 отсто на 66 отсто, а животниот век се зголеми од 41 на 64 години. Сето ова ја постави сцената за програмата на „реформите и отворањето“ на Денг Сјаопинг, која го активира брзиот економски пораст и развој на Кина во изминатите 40 години. Денес списокот на задачи на Кина останува долг, но нејзините водачи работат постојано за да ги завршат приоритетните обврски, од намалување на нееднаквоста и промена на деградацијата на животната средина до реструктурирање на економијата. Ако успеат, со што ќе го зацврстат развојниот модел на Кина како одржлива алтернатива на западната либерална демократија, ќе треба да испорачаат два клучни императиви во наредните години. Прво, Кина треба да постигне статус на земја со високи приходи.

Досега Кина се потпираше на големината на своите пазари и на брзиот пораст на производството за да собере приходи. Но овие сили може да ја одведат економијата само до одредена точка, додека кинеските институции, технологија и преовладувачки начин на размислување повеќе се фокусирани на денешните приходи од 10.000 американски долари по жител отколку на нивото од 30.000 американски долари, кон кое се стреми државата. Иницијативата за обнова на Патот на свилата е успешна. Тоа значи дека се имплементира инклузивна програма за економична и еколошки одржлива изградба на инфраструктура, што не резултира со неодржливи долгови.

Ниту една од овие цели нема да биде лесна за постигнување, особено ако се има предвид проблематичното надворешно опкружување. Додека Кина се радува на роденденската прослава, надворешниот свет, почнувајќи од САД, се грижи за аспирациите на Кина да стане глобален лидер во технологијата и геополитиката.
Кога еден голем брод плови, тој ги ниша другите чамци, без разлика колку вешто е управуван. Сепак, Кина се соочува со застрашувачка задача да ги задржи другите земји мирни додека плови. Ова ќе бара, пред сè, отворена, искрена и постојана комуникација на Кина со надворешниот свет. Но фокусот не е само на Кина. Западните лидери исто така мора да ги прифатат напорите на Пекинг. Кина веќе долго време му ветуваше на светот „мирен подем“. За разлика од САД во 19 век, таа нема своја доктрина на Монро, која се обидува да гарантира својата сфера на влијание и не тврди дека има судбина да ја прошири својата територија по секоја цена. Всушност, од времето на Денг, сите гранични спорови на Кина, освен еден, се решени со мирни преговори.

На Кина ѝ беа потребни 11 години за да преговара за границите со Русија. Поголемиот дел од Западот, како и Азија, продолжува да го претпоставува најлошото за Кина, што може да има катастрофални последици. Како што напиша Албер Ками, погрешните идеи секогаш завршуваат со крвопролевање, но секогаш со туѓа крв. Затоа денешните мислители се чувствуваат слободно да кажат нешто за ништо. За да ја избегнат стапицата на војната, западните политички и интелектуални водачи не смеат слепо да им веруваат на оние што претпоставуваат дека судирот со Кина во подем е неизбежен. Ако треба да се спомне некакво историско искуство, тоа е дека погрешните пресметки само потсетуваат колку лесно судирите можат лесно да прераснат во нешто покатастрофално.

Минатите инциденти, како бомбардирањето на НАТО на Амбасадата на Кина во Белград во 1999 година или судирот на американски и кинески авион од кај островот Хаинан во 2001 година, се решија преку преговори. Но имајќи го предвид зголемувањето на антагонизмот кон Кина, не се знае дали лидерите би успеале да го повторат таквиот исход ако сличен инцидент се случи денес. Првите 70 години од комунистичкото владеење донесоа брз развој, но само скромен просперитет на Кина. Сега, Кина треба да го насочи фокусот кон зголемување на приходите и ефикасно спроведување на иницијативата за обнова на Патот на свилата. Овие цели може да се постигнат само во мирен и стабилен контекст. Лидерите на Кина го разбираат тоа, но сепак треба да ги убедат своите колеги од Западот.

Авторката е професорка по економија на Лондонската школа за економија