Американската безбедносна улога во Европа, позицијата на ЕУ меѓу Кина и САД и враќањето на Вашингтон кон иранскиот нуклеарен договор се трите приоритети за обнова на трансатлантските врски, според шефот на европската дипломатија

Ако ги погледне алтернативите, секој може лесно да види дека ниту една друга двојка на меѓународната сцена не може да одговори на партнерството меѓу ЕУ и САД. Ниту Европа ниту Америка нема да најдат поголем партнер што е поголем и помоќен сојузник. По тешки четири години, време е за нов почеток. Изборот на Џо Бајден за претседател на САД ни дава шанса да го оствариме тоа.
Ова не значи дека секогаш ќе се согласуваме или дека имаме идентични интереси. Тоа не беше случај пред мандатот на претседателот Доналд Трамп и нема да биде случај за време на мандатот на Бајден. Она што го имаме е трајно партнерство, засновано врз споделени вредности и децениско искуство на заедничка работа. Изминатите четири години беа тешки. Постојат основни причини, демографски, економски и политички, зошто историската траекторија на САД и Европа може да се разиде.
Но цениме дека барем во следните четири години ќе има претседател на САД што верува во партнерство со демократските сојузници. Ние не чувствуваме само благодарност за оваа реставрација, туку ја препознаваме нејзината неопходност. Како висок претставник на ЕУ за надворешни работи, мојата порака е јасна: Европа сака максимално да ја искористи оваа можност. Но не доаѓаме само со желби и барања, туку и со понуди.
Има многу работи да се поправат, а уште повеќе да се изградат заедно. И САД и ЕУ се борат со поларизацијата и општествените поделби дома. Во странство, гледаме автократи и други политички нарушувачи што ги поткопуваат регионалната безбедност и глобалниот поредок. Имаме пандемија, глобална климатска криза, европско соседство во пламен и жестока конкуренција за тоа кој ќе ги напише правилата на дигиталното време.

Она што зачудува е дека нашиот капацитет да најдеме решенија не е во чекор со брзината и обемот на промените. Времето, во политиката, е релативно. Како и во физиката, тоа зависи од вашата сопствена брзина. Ако светот се менува побрзо од вашиот капацитет да се справите со него, тогаш во релативна смисла, одите назад. Ова не можеме да си го дозволиме.
Новоизбраниот претседател Бајден ја истакна клучната улога што ја гледа за тесно партнерство меѓу САД и ЕУ. Европа има свои идеи за амбициозна трансатлантска агенда. Сега треба да го преточиме позитивното расположение во конкретно дејство. За таа цел, Европската комисија предложи „нова агенда ЕУ – САД за глобални промени“, со заедничка акција за фокусирање на ковид-19, обновување, климатски промени, технологија, трговија и стандарди и зајакнување на демократијата низ светот. Министрите за надворешни работи на ЕУ разговараа за иднината на односите ЕУ – САД на нивниот состанок на 7 декември и колективно ја истакнаа нивната желба за зголемена заедничка агенда што ќе опфати цел спектар на политики. Засега, сакам да се фокусирам на надворешната и безбедносната политика и да подвлечам три точки.
Прво, улогата на САД во европската безбедност е неопходна. Во исто време, ние Европејците треба повеќе да се грижиме за сопствената безбедност. Оттука, ние сме целосно ангажирани да ги зајакнеме европските одбранбени способности и нашиот оперативен ангажман. Денес имаме 17 операции и мисии за управување со кризи од Западен Балкан, преку Украина, до Сахел и пошироко. Ние инвестираме преку разни иницијативи за одбрана на ЕУ во стекнување на потребните способности.
Одвлекување на вниманието е да се дебатира, главно во апстрактна смисла, дали треба да избереме „европски“ или „трансатлантски“, кога е јасно дека ова се две страни на истата паричка. Тоа е и причината зошто треба да продолжиме со нашата работа за стратегиска автономија: Силна и способна Европа не му е ривал на трансатлантскиот сојуз, туку предуслов за него.

Потребни ни се конкретни чекори и за подобрување на нашиот капацитет за дејствување и за да станеме поотпорни во стратегиските домени.
Да ги оставиме апстрактните дебати и да се фокусираме на суштината. Кога станува збор за европската безбедност, ќе треба да дејствуваме заедно, да го донесеме целиот Западен Балкан во евроатлантските структури, да ги поддржиме украинскиот суверенитет и реформи; да развиваме стабилен и конзистентен пристап кон Русија и да спречиме понатамошно оддалечување на Турција. Во сите овие случаи гледам огромна потреба ЕУ и САД да работат во чекор, бидејќи можеме да успееме само ако дејствуваме заедно.
Дополнително, периферијата на Европа се соочува со голем број конфликти и тензии, на пример во Сахел, Либија и Источен Медитеран. Во тие три случаи, Европа мора да биде подготвена да го преземе водството, бидејќи овие проблеми ја засегаат Европа подиректно отколку САД.
Второ, знаеме дека подемот и растечката наметливост на Кина и поврзаната конкуренција со САД ќе го обликуваат глобалниот пејзаж. Некои од предизвиците што ги претставува Кина треба да ги дискутираме заедно, дури и ако не секогаш да се согласуваме околу нив – од постојните асиметрии на пазарот, преку легитимните прашања за 5Г, до обидите на Пекинг да протурка ривалски стандарди во мултилатералните организации и да ја ослабне колективната акција за човековите права. Новиот дијалог ЕУ – САД за Кина ќе обезбеди клучен механизам за унапредување на нашите интереси и управување со разликите.

ЕУ е подготвена да се ангажира и работи на балансиран пристап, комбинирајќи области на соработка со Кина, како што се климатските промени, но и на притисоци, онаму каде што е потребно. Кина, во зависност од областа на политиката, ја гледаме како партнер, конкурент и системски ривал. Јасни сме дека со САД споделуваме демократски политички систем, заснован на основните вредности. Ова значи дека не сме еднакво оддалечени меѓу САД и Кина. Во исто време, длабочината на европските трговски и инвестициски врски со Кина е таква што немаме интерес за стратегија на раздвојување.
Сето ова треба да се комбинира со активниот пристап на ЕУ кон поширокиот индопацифички регион и на соработката со демократските партнери во Азија. Едни од најистакнатите карактеристики на креирање политики на ЕУ во Азија се зајакнување на врските со Јапонија, Здружението на нации од Југоисточна Азија, Индија, Јужна Кореја, Австралија и Нов Зеланд. Многу истомисленици ни велат дека сакаат да видат поголем ангажман на ЕУ. Како нас, тие сакаат да го задржат регионалниот поредок отворен и заснован на правила, избегнувајќи затворени блокови и бинарни избори.
Трето, треба да најдеме начин САД повторно да се приклучат кон иранскиот нуклеарен договор и Иран да се врати во целосна согласност. Нуклеарниот договор сè уште стои како обележје на успешната дипломатија. Работевме напорно за да го зачуваме, а тоа ни донесе јасни придобивки. Благодарение на договорот, иранската нуклеарна програма е сè уште далеку под нивото пред да биде договорен пактот.

Но нуклеарниот договор очигледно се најде под огромен притисок. Повлекувањето на САД драматично ги намали очекуваните економски придобивки за Иран, поради што договорот никогаш не можеше да го развие својот целосен потенцијал. ЕУ и САД треба да им дадат приоритет на начините да обезбедат договорот да биде целосно имплементиран од сите, со што ќе се обнови довербата меѓу сите. Штом ќе се постигне тоа, ние мора да бидеме подготвени да го надградиме овој успех и да најдеме начини да одговориме на понатамошните регионални безбедносни проблеми. Убеден сум дека единственото долгорочно решение за хронична нестабилност е регионално решение.
Има многу други надворешнополитички прашања и приоритети. Но да се фокусираме на овие три, кои може да ги искористиме за да го вклучиме моторот на трансатлантска соработка. Колку повеќе се движиме, толку може да станеме поамбициозни.