Голем број европски локални самоуправи актуелно се соочуваат со недостиг од квалификуван кадар, што го ограничува нивниот потенцијал за подобрување на енергетската ефикасност на зградите, пишува Силвија Елена за „Еурактив“
Ограничувања во зелената транзиција на Стариот Континент
Додека Европската Унија (ЕУ) планира декарбонизација на зградите со цел да ја унапреди зелената транзиција, локалните власти апелираат за поголема поддршка во справувањето со недостигот од квалификувани работници за дизајнирање и спроведување на проектите за декарбонизација. Европската комисија уште минатиот декември поднесе предлог за забрзана енергетска обнова на зградите што покажале најлоша енергетска ефикасност, воведувајќи минимални стандарди. Со Директивата за енергетска ефикасност на зградите (ЕПБД), Унијата има за цел и да ја намали зависноста на блокот од фосилни горива, во рамки на зелената транзиција. Декарбонизацијата на зградите добива уште повеќе на значење имајќи ги предвид конфликтот во Украина и тензиите околу снабдувањето со енергија. На локално ниво, преиспитувањето на системот би можело да биде решение за намалување на увозот на гас и намалување на геополитичките тензии, според Мелани Буржоа, референтка за политики во „Енерџи ситис“, Европска асоцијација на локални власти.
Во Европа, на зградите отпаѓа 40 отсто од вкупната енергетска потрошувачка. Иако речиси 75 отсто од зградите во Унијата се енергетски неефикасни, на годишно ниво се реновираат само 0,4 – 1,2 отсто. Реновирањето на зградите е скапо и може да трае подолг период. За енергетско реновирање на осум и изградба на две нови згради во една покраина во јужна Германија, трошокот би изнесувал 84,4 милиони евра, а изведбата би траела околу шест години. Во Холандија, организацијата која ги застапува здруженијата за домување (АЕДЕС) излезе со процена дека категоризирањето на најмалку енергетски ефикасните живеалишта во категоријата Б според стандардите на ЕУ за енергетско маркирање ќе чини вкупно 4,6 милијарди евра во инвестиции.
Ирскиот пратеник од Партијата на зелените во Европскиот парламент, Сиран Каф, кој е водечки преговарач околу Директивата за енергетска ефикасност на зградите, во моментов се залага за „соседски“ пристап, кој во реновирањето ја вклучува севкупната заедница. Сепак, голем број европски градови актуелно се соочуваат со недостиг од квалификуван кадар, што го ограничува нивниот потенцијал за поефикасна декарбонизација на зградите.
Градење интерна стручност
Неодамнешната студија на „Енерџи ситис“ покажа дека за да се започне со процесот на декарбонизација на зградите треба да се намали дефицитот во однос на градски персонал, односно да се отворат 214.000 нови локални работни места. Аликс Бол, раководител на политики во „Енерџи ситис“, вели дека проблемот не е во пристапот до пари, туку во неможноста од изведба на низа проекти поради немање интерна стручност. Во недостиг од интерни експерти, помалите градови мораат да зависат од надворешни изведувачи за изработка и надзор на проектите, не можејќи притоа да ја изградат сопствената стручност во оваа област.
Финансирање на транзицијата
Според Буржоа, општините имаат потреба од дополнителни финансии за решавање на недостигот од експертиза. Според неа, парите би можеле да дојдат од фондовите за обнова, од кохезивната политика, но и од финансиите на ЕЛЕНА, фондот предложен од Европската инвестициска банка, кои би биле во вид на техничка помош за развој на технички вештини во градовите и кај локалните власти. Исто така, и Регионалниот комитет (КОР) побара „соодветни финансиски и технички ресурси“ за градовите и регионите. Во својата нацрт-директива усвоена неодамна, регионалното консултативно тело на ЕУ апелираше за „значајни напори во изградбата и обуката на соодветни вештини и капацитети, со цел да се реши недостигот од квалификувани работници“, како и за „формален, специјалистички висококвалитетен план за обука“ кај органите на власта во сите земји-членки на ЕУ.
Во меѓувреме, активистите и локалните власти бараат од ЕУ да не ги запостави помалите градови и руралните подрачја. Најчесто руралните подрачја се тие кои се борат да најдат кадар за развој на нивните програми за декарбонизација. Фондовите за градовите и руралните области се ограничени, затоа што средствата поврзани со тендерите и програмите на Унијата најчесто завршуваат во истите џебови.