Дали јавноста во САД сака и натаму државата да е вклучена во меѓународните односи или треба повеќе да се фокусира на домашните проблеми, пишуваат Тимоти С. Рич, Меделин Ајнхорн и Сидни Виндхорст за „Нешенел интерест“

Истражување за испитување на јавното мислење во САД

Земајќи ги предвид сложените глобални настани, како што се украинскиот конфликт, зголемените тензии во Тајванскиот Теснец, новоразвиените форми на војување, вклучително и сајбер-конфликтот, и прашањата за меката моќ, како што се климатските промени, САД треба внимателно да ја разгледаат својата надворешна политика на најдобар начин за да одговорат на надворешните и домашните предизвици. Овде се поставува прашањето: дали американската јавност сака континуиран ангажман во меѓународните прашања или наместо тоа поголем фокус на домашните прашања?

Разлики во политиките на Трамп и Бајден

Може да се извлечат неколку разлики во надворешната политика на САД меѓу администрациите на Трамп и на Бајден, оние што ја отсликуваат оваа тензија на фокусирање на домашните наспроти меѓународните прашања. Претседателот Доналд Трамп се залагаше за „Америка на прво место“, која сугерираше преориентација на домашните прашања и помал фокус на глобално ниво, што доведе до повлекување на САД од Парискиот климатски договор, колапс на Иранскиот нуклеарен договор и повлекување од Транс-пацифичкото партнерство. Од друга страна, администрацијата на Бајден го прошири дипломатскиот ангажман на САД во меѓународните прашања додека истовремено ја повлече и војската од Авганистан.
Администрацијата на Трамп презеде нов пристап кон областите како што се климатските промени и доселувањето преку нејзиниот пристап „Америка на прво место“. Сепак, некои од нејзините политики не се усогласија со мислењата на Американците дури и во нивната сопствена партија. Истражувањето на Советот за глобални прашања во Чикаго од 2017 година покажа дека 24 отсто од најжестоките поддржувачи на Трамп, 23 отсто од републиканците на Трамп и 53 отсто од обичните републиканци сметаат дека Америка треба да учествува во Парискиот климатски договор. Истото истражување покажа дека 66 отсто од демократите, 60 отсто од независните и 65 отсто од републиканците веруваат дека САД треба да преземат активна улога во светските прашања, но само 49 отсто од испитаниците размислувале за одржување на постојните сојузи како ефективна алатка за одржување надворешнополитички цели. Испитаниците од различни партии, исто така, веруваат дека САД поседуваат поголемо глобално влијание од Кина, Русија и Европската Унија (ЕУ). Така, многу е јасно дека Американците веруваат дека САД се способни да влијаат на меѓународните прашања дури и ако не се согласуваат за тоа како треба да се користи таа моќ. Покрај тоа, анкетата од 2018 година, од Фондацијата на Обединетите нации и Кампањата за подобар свет на Американците на возраст од седумнаесет до триесет и пет години, покажа дека мнозинството кај демократите, републиканците и независните веруваат во она што тие го нарекоа „Америка на прво место, но не сама“.
Додека светот продолжува да реагира на украинскиот конфликт, Америка се обидува да го заштити „меѓународниот поредок заснован на правила“. Сепак, не секоја друга земја го дели истото чувство. Индија, Бразил, Мексико, Јужна Африка и други сакаа да се држат настрана и избраа да се фокусираат на нивните внатрешни политики и покрај повикот на САД да бидат вклучени на некаков начин. Мантрата „Америка на прво место“ се манифестираше и во други земји, вклучително и во Бразил, каде што претседателот Жаир Болсонаро се залагаше „Бразил повторно да биде голем“.

Приоритет за домашните или за надворешните предизвици?

За да се утврди како Американците се чувствуваат за американското учество во глобалните прашања, беше спроведено национално интернет истражување во САД, од 29 јуни до 11 јули, преку „Квалтрикс“ со земање примероци од квоти за возраст, пол и географски регион. На 1.728 Американци им беше поставено прашањето: Што од наведеното најдобро го опишува вашето гледиште за улогата на САД во светските прашања? Испитаниците можеа да изберат: (1) Треба да посветиме помалку внимание на проблемите во странство и да се концентрираме на проблемите дома или (2) Најдобро за иднината на нашата земја е таа да биде активна во светските прашања.
Севкупно, 55,44 отсто од испитаниците се залагале за помалку внимание на проблемите во странство и поголемо внимание дома, додека 44,56 отсто сакале активна улога во светските прашања. Демократите сметаа дека активното учество во светските прашања е поповолно (56,29 отсто). Спротивно на тоа, републиканците почесто се залагаат за решавање на домашните проблеми (67,34 отсто). Сосема очекувано, независните се најдоа некаде на средината, при што 59,69 отсто избраа домашен фокус. Најверојатно, републиканците сè уште се привлечени од мантрата на Трамп за „Америка на прво место“, додека демократите ги гледаат настаните како што се украинскиот конфликт и климатските промени како причини за одржливо американско вклучување на глобално ниво. Емпириски, републиканците помалку ги поддржуваат меѓународните обврски, а податоците од минатото на јавното мислење покажуваат дека тие помалку ја поддржуваат странската помош и не се заинтересирани за преселување на авганистанските бегалци поради безбедносни грижи. Анализата на регресија понатаму покажува дека не само партиската разлика опстојува по контролата на демографските фактори, туку и дека жените се со поголема веројатност да се фокусираат на домашните проблеми додека возраста и приходите позитивно кореспондираат со изборот на вклученост во светските прашања.

Можен ли е фокус на два фронта?

Во секој случај, испитаниците би можеле многу поинаку да го оценат концентрирањето на проблемите дома и фокусирањето на светските проблеми, а прашањето поттикнува да се донесе одлука, каде што некои испитаници веројатно веруваат дека може да се одговори на предизвиците на двата фронта. На пример, некои испитаници може да го гледаат ангажманот на САД во глобалните прашања првенствено од аспект на воено вмешување, поттикнато од акциите на Америка во Ирак и во Авганистан или на меѓународната помош, која Американците историски грубо ја преценуваат, додека други го гледаат ова повеќе во однос на дипломатски ангажман. Домашните проблеми веројатно се поконкретни во главите на испитаниците отколку многу од предизвиците во странство, бидејќи тие, особено кога станува збор за контролата на оружјето и контроверзните одлуки на Врховниот суд, подиректно влијаат на Американците на краток рок отколку апстрактните надворешни работи.
Иако може да се разбере фокусот на домашните проблеми, ова исто така е во конфликт со долгогодишниот наратив за Америка како „водач на слободниот свет“. Недостигот од вклученост во светските прашања ризикува да го влоши падот на американската хегемонија. Наместо двете да се гледаат како различни сфери, може треба да се размислува за нетрадиционалните примени на меѓународното влијание на Америка и како решавањето на домашните проблеми може да му помогне на американското влијание во странство.