Европа и САД мора да го запрат уништувањето на трансатлантските односи

Атлантски Океан почнува да изгледа застрашувачки широк. За Европејците, САД изгледаат сѐ подалечни, раководени од збунувачкиот претседател Доналд Трамп, кој ужива да ги малтретира, да ја доведува во прашање иднината на трансатлантската алијанса и понекогаш да покажува повеќе топлина за диктаторите отколку за демократите. Американците, пак, гледаат континент што старее. Иако е добар за туристи, тој сепак политички се распаѓа и економски заостанува: колку што е слаб во порастот, толку е пренатрупан со регулативи. За атлантистите таквиот фатализам околу поделбите помеѓу Европа и Америка е загрижувачки. Тој исто така е и погрешно разбран.

Навистина, некои поделби се очигледни. Америка ги напушти Парискиот климатски договор и нуклеарниот договор со Иран, додека Европејците остануваат посветени и на двата. Други несогласувања се закануваат. Претседателот Доналд Трамп ја нарече Европската Унија „непријател“ за трговијата и разгледува казнени тарифи за европските автомобили. Довербата се намали значително. Само десет отсто од Германците веруваат дека Трамп правилно би постапил за светските прашања, што е намалување од 90 проценти, колку што му веруваа на Барак Обама во 2016 година. Пред 20 години, НАТО ја прослави својата 50-годишнина со тридневен лидерски самит. Стравот од уште еден испад на Трамп ги измени плановите за забавата за 70-годишнината на Алијансата на 4 април на само еднодневна средба на министрите за надворешни работи.

Интимностите од минатото не се доволни за одржување топли односи денес. Европа неизбежно има помал углед во американските очи отколку порано. Генерацијата што ги формираше врските, борејќи се рамо до рамо во Втората светска војна, полека си заминува, па дури и Студената војна станува далечна меморија. Во меѓувреме, Америка станува сѐ помалку европска. Пред еден век, над 80 отсто од нејзиното население родено во странство потекнуваше од Европа, сега процентот е само десет отсто. Растежот на економиите во Азија ѝ го одземаат вниманието на Америка.
Сепак, и покрај многуте падови и подеми, односот се покажа отпорен на потреси. Трговската размена помеѓу ЕУ и САД и натаму е најголема во светот, вредна над три милијарди долари дневно. Заедничките демократски вредности, иако проблематични на некои места, се сила за слободата. Покрај тоа, сојузот обезбедува стабилност наспроти најразличните закани, од тероризмот до агресивната Русија, кои на Алијансата ѝ даваат нов изглед.

Во срцето на ова безбедносно партнерство се наоѓа НАТО. Достигнувајќи го својот 70-от роденден, Алијансата се истакнува како преживеана. Во изминатите пет века, просечниот животен век на сојузите за колективна одбрана беше само 15 години. Дури и додека европските лидери се прашуваат колку долго ќе може да сметаат на Америка, односите на терен бележат подем. Тоа е благодарение на способноста на НАТО да се менува. Никој не замислуваше дека ветувањето за колективна одбрана од Членот 5 ќе биде повикано за првпат, и досега само единствен пат, како одговор на терористичкиот напад врз Америка на 11 септември 2001 година, или дека Естонците, Летонците и Полјаците ќе бидат меѓу членките на НАТО што ќе имаат жртви во Авганистан.

Од 2014 година, сојузниците жестоко одговорија на руската анексија на Украина. Тие го зголемија буџетот за одбрана, преместија мултинационални борбени групи во Балтичките држави и во Полска, поставувајќи амбициозни цели за воена подготвеност и ја спроведоа нивната најголема воена вежба по Студената војна.
Во Америка, анкетите сугерираат дека јавното мислење кон НАТО всушност стана попозитивно откако Трамп стана претседател. Во Конгресот, исто така, поддршката за Алијансата е доста цврста, што може да се види по резолуциите за поддршка и присуството на рекорден број американски законодавци на Минхенската безбедносна конференција.

Успехот на НАТО може да послужи како лекција за трансатлантските односи како целина. За да цветаат во иднина, тие не треба само да го преживеат Трамп, туку и помалку да се менуваат, храбро исто како во минатото.
Прво, тоа значи отстранување на трговските бариери наместо впуштање во тарифни војни. Трамп е во право да бара од неговите сојузници да си ги почитуваат обврските за одбранбениот буџет. Но тој многу греши што мисли дека треба да им наплати дополнителни трошоци за тоа што се домаќини на американските бази. Бившиот потпретседател Дик Чејни го предупреди актуелниот потпретседател Мајк Пенс дека таквите прашања не смеат да се третираат како да станува збор за купување недвижности во Њујорк. Сепак, овие европски бази ѝ помагаат на Америка да ја проектира својата моќ низ светот.

Второ, реализмот треба да ја замени носталгијата. Европејците не треба да се залажуваат дека идниот американски претседател едноставно ќе го врати часовникот назад. Наместо тоа, за да ѝ бидат од корист на Америка, Европејците треба да станат помалку зависни од неа. На пример, во одбраната тие презедоа само бебешки чекори кон пополнувањето на големите дупки во нивните армии. Нивните напори треба да продолжат надвор од границите на ЕУ, чии членки по брегзит ќе учествуваат само со 20 отсто од буџетот за одбрана на земјите на НАТО.

Поспособна Европа ќе помогне со третата и најголема промена: приспособување на подемот на Кина. Американскиот фокус сѐ повеќе ќе биде насочен кон ривалската суперсила. Кинеското влијание веќе се чувствува на Алијансата, од нуклеарната рамнотежа па до безбедносните последици ако Германија купи 5Г-опрема од „Хуавеи“ или Италија се вклучи во инфраструктурните проекти на иницијативата „Појас и пат“. И покрај тоа, сојузниците едвај почнаа сериозно да размислуваат за сето ова. За почеток ќе биде доволно Европската комисија да усвои документ во кој Кина е идентификувана како „системски ривал“.

Ако сојузниците напорно работат на тоа како најдобро да ги остваруваат нивните заеднички интереси при справувањето со Кина, тие би можеле да формираат ново трансатлантско партнерство. Тоа би вклучувало Европејците да преземат поголем дел од безбедносниот товар во замена за континуирана американска заштита и координација за економскиот и технолошки предизвик од Кина. Денес недостига лидерство за да го стори тоа. Но Европејците и Американците и претходно создадоа визија што донесе повеќе децении мир и напредок. Потребно е повторно да го сторат тоа.