- На состанок на Извршниот комитет беа дискутирани потенцијални измени и
дополнувања, кои наскоро ќе бидат доставени до клубовите и до федерациите за понатамошна евалуација, а вклучуваат адаптации на системот за играње во ЛШ, нов инвестициски фонд и новите Европски ракометни игри. „Тоа ќе биде недела на врвен ракомет, прослава на спортот, многу повеќе од само ракометен турнир“, вели претседателот на ЕХФ, Михаел Видерер, во интервју за Европската ракометна федерација
За Европската ракометна федерација (ЕХФ) еден клучен фокус е континуираниот развој на нејзините клупски и национални натпреварувања, па затоа на состанокот на Извршниот комитет во Букурешт беа дискутирани потенцијални измени и дополнувања, кои наскоро ќе бидат доставени до клубовите и до федерациите за понатамошна евалуација. Тие вклучуваат адаптации на системот за играње во машката Лига на шампиони (ЛШ), нов инвестициски фонд насочен кон понатамошен развој на ЛШ и новите Европски ракометни игри, кои ќе се играат првпат во 2030 година, пишува ЕХФ.
Во интервју за ЕХФ претседателот на Европската ракометна федерација, Михаел Видерер, објаснува детали и клучни области на кои се работи.
Новата сезона во клупските натпреварувања на ЕХФ штотуку почна, но промените веќе се разгледуваат. Што точно е дискутирано?
– Го воведовме новиот систем на играње во Лигата на шампионите за мажи, но во исто време веќе вршиме евалуација за да се осигуриме дека е „соодветен за иднината“. Во контакт сме со клубовите за да добиеме нивни повратни информации, а разгледуваме и како можеме да инвестираме во раст и да ја подобриме средината за клубовите. Маркетиншкиот советодавен одбор на ЕХФ се согласи да формира инвестициски фонд за да создаде финансиска основа за овие дискусии. Темите вклучуваат, меѓу другото, инфраструктура, арени, систем на играње и финансиска распределба. Заеднички ќе работиме на овие теми и ќе ги дискутираме со клубовите. Првите мерки потоа би можеле да бидат доставени до Извршниот одбор на ЕХФ за неговиот состанок во декември, а првата имплементација би била можна од сезоната 2027/2028.
Кои приспособувања се разгледуваат за машката ЛШ?
– Некои периоди без мечеви се предолги, особено за 12-те тима што по групната фаза продолжуваат во Европската лига. Ова е голем економски фактор за клубовите. Разгледуваме алтернативи со кои би ја намалиле оваа разлика за тимовите што завршуваат на третото и на четвртото место. На маса има добар предлог, кој би обезбедил и паузата помеѓу четврт-финалето и фајналфор-турнирот во Келн повторно да биде пократка.
Како ќе биде структуриран инвестицискиот фонд?
– Екосистемот на клупските натпреварувања отсекогаш работел на претпоставката дека 80 проценти од генерираните приходи се распределуваат назад до клубовите. Ако покрај загарантираните исплати, на крајот од сезоната се генерира суфицит, како и во изминатите години, тој суфицит се распределува и до клубовите. Планот со инвестицискиот фонд е да се поврзат 30 проценти од секој вишок со инвестиции поврзани со стратешкиот развој и идното позиционирање на клупските натпреварувања. Натпреварувањето ќе има корист од ова, а со тоа и клубовите, а со тоа и целиот екосистем.
Дали ќе има дополнителни промени и во женските клупски натпреварувања?
– Почнуваме со промените што веќе се одобрени. Новиот систем во ЛШ за жени од сезоната 2027/2028 со четири групи со по четири екипи и 24 екипи во Европската лига. Целта е да се зајакнат клубовите во Европската лига, така што основата на клубовите што на крајот ќе можат да играат во ЛШ ќе расте. На среден рок, ЕХФ се стреми да воведе ист систем за женските клупски натпреварувања како што е за мажите, со 24 екипи во ЛШ.
На состанокот на Извршниот комитет се дискутираше и за натпреварите на репрезентациите. Што ќе се промени?
– Една од најважните одлуки се однесува на медиумските права на мечевите на репрезентациите од 2030 година. Од сезонава ќерката на ЕХФ, ЕХФ Маркетинг, го презеде пазарот за клупски натпревари во свои раце. ЕХФ ќе го следи примерот и ќе преземе значително зголемена одговорност кога станува збор за искористување на медиумските права на ниво на репрезентации. Добиваме многу голем интерес од медиумскиот пазар, што покажува дека партнерите и медиумските компании се заинтересирани да соработуваат со нас за понатамошен развој на нашите производи.
Еден нов производ што ЕХФ неодамна го најави се Европските ракометни игри во 2030 година. Каков е нивниот статус денес?
– Настанот е закажан во календарот за втората половина на септември 2030 година. Веќе сме во контакт и разменуваме информации со добро познати, најсовремени ракометни објекти за да обезбедиме врвна локација за премиерата. Во октомври неколку состаноци ќе се одржат во Виена, ќе презентираме клучни информации, како што е процесот на квалификации. Заедно со Европските ракометни игри, ќе биде воведен нов пристап, сличен на фудбалската Лига на нациите, кон европските квалификации за светските првенства. Сакаме да им обезбедиме на националните федерации повеќе висококвалитетни домашни натпревари. Нашата цел е да создадеме висококвалитетни мечеви и сакаме да ги направиме постојните натпреварувања уште подобри. Медиумските организации и носителите на права со кои разговаравме покажаа голем интерес за Европските ракометни игри. Форматот ќе вклучува само натпревари од највисоко ниво во компактен период од шест дена, а со паралелно играње на машки и женски репрезентации. Тоа ќе биде недела на врвен ракомет, прослава на спортот, многу повеќе од само ракометен турнир. Тоа ќе биде ракометен фестивал многу во духот на претходниот конгрес на ЕХФ: „Следно ниво – секој натпревар“. Н.М.
































