Техно

„Ван плус 11“ е моќен паметен телефон, но неговиот дизајн не е особено возбудлив. Меѓутоа, компанијата сега објави верзија наречена „ван плус 11 концепт“, која е дизајнирана да го промени тоа.
„Ван плус 11 концепт“ има течен заден дел што, всушност, е вртечки шаблон со ЛЕД-осветлување, кој формира прстен околу модулот на камерата, а исто така е направен од едноделно стакло. Овој уред ќе биде претставен на 27 февруари на „Мобил ворлд конгрес“ (МВК) во Барселона, соопштија од компанијата.
Со овој необичен дизајн, „ван плус“ прифаќа пристап што се поврзува со гејминг-компјутерите, кои користат ЛЕД-осветлување. Тоа има смисла бидејќи „ван плус 11“ е еден од подобрите мобилни телефони за игри на пазарот, има екран со стапка на освежување од 120 херци, брзо полнење од 100 вати и процесор 8 ген 2 на „Квалком“.
„Ван плус“ претходно произведуваше специјални мобилни телефони, вклучувајќи и уреди дизајнирани на темата „Војна на ѕвездите“ и „Пак-Мен“, меѓутоа, првиот модел со надворешно ЛЕД-осветлување се чини дека е инспириран од проѕирниот осветлен панел на паметниот телефон „натинг фон 1“. Исто така изгледа како концептот „ван плус 8Т“ со заден панел што ги менува боите.
Од „Ван плус“ велат дека ЛЕД-осветлувањето ги прикажува инженерските достигнувања на „ван плус 11 концепт“, со истакнување на ледените сини цевки што минуваат низ целиот заден дел на телефонот, така што паметниот телефон изгледа како да има свои крвни садови.