Испраќајте творби на конкурсот

Друштвото за управување со пакување и отпад од пакување „Еуро-екопак“ ДОО-Скопје, во соработка со Детскиот ликовен центар-Скопје, објавува
конкурс за учество на Меѓународната изложба на творби на деца и младинци, на темата: „Творење и креирање дела од отпад од пакување-2022 година – твори, моделирај тридимензионално, цртај и сликај“.
Почитувани деца, ученици, родители и ментори, следејќи ја дванаесетгодишната традиција, друштвото за управување со пакување и отпад од пакување „Еуро-екопак“, во соработка со Детскиот ликовен центар, и оваа година инвестира во развивање на креативноста на младите и издигање на јавната свест преку организирање манифестација за создавање уметнички творби од отпад од пакување. Како и досега, младите творци со креирањето творби од отпад од пакување, ќе испратат порака до јавноста дека сакаат да живеат во чиста животна средина. Преку организирање на оваа уметничка манифестација, младите творци ќе можат слободно да ја изразат својата креативност и да покажат дека отпадот од пакување може да се реупотреби.
Услови за учество: Мотивите, темите и материјалите за работа се по избор и консултација на учениците со менторите-професорите по ликовно образование во основните училишта (возраст од 11 до 14 година) и средните училишта (возраст од 15 до18 година).

Амбалажен материјал за творење: Пластични шишиња, лименки и други отпадни материјали од пакување. Може да се учествува со изработени скици, цртежи, скулптури и колажи на хартија, картон (со димензии – блок бр. 5), релјефи на картон во плиток или подлабок релјеф и тридимензионални скулптури од различен материјал, со димензија најмногу до 1,50 метар.

Рок за прием: Почнува на 15 мај, а завршува на 5 октомври 2022.
Творбите може да се донесат во Детскиот ликовен центар – Здружението на ликовни педагози, библиотека „Другарче – Кинотека“, на ул. Никола Русински-1, Карпош 3, спроти гимназијата „Никола Карев“ – Скопје.
По пошта може да се испратат творби на хартија или картони, дим. блок број 5: цртежи, релјефни – плитки колажи и во комбинирана техника. Учесниците од странство можат да испратат и фотографирани дела-скулптури од амбалажа на имејлот: [email protected]

Изложбата ќе биде подготвена до крајот на октомври или почетокот на ноември 2022 година (со отпечатени каталози, дипломи и благодарници за учество).
Стручната комисија ќе избере: Гран при за најдобра групна творба, награди за најдобри индивидуални остварувања, за освоено прво, второ и трето место. Сите креативни дела на младите што ќе ги избере комисијата ќе бидат изложени во галеријата.

Поради точна евиденција за вашето учество, јавете се на контакт-телефонот: 076/987-024 или 077/904-609, за да ги примиме творбите во ДЛЦ (во краен случај по пошта). Адреса: Детски ликовен центар, пошта: 1020 – фах: 75, нас. Карпош 3, град Скопје, Македонија.

Отворање на изложбата: Свеченото отворање традиционално се одржува во киносалата на Кинотеката, библиотека „Другарче“, Карпош 3 во Скопје (во присуство и на гости од амбасадите).
Творбите ќе бидат изложени во галеријата на Детскиот ликовен центар во објектот.
За доделувањето на наградите, дипломите и благодарниците – учесниците ќе бидат известени.

Детски ликовен центар, Претседател: проф. Владимир Лазоски