Фото: „Нова Македонија“

ПО АНАЛИЗАТА НА „НОВА МАКЕДОНИЈА“ ШТО ПРЕДИЗВИКА БУРА ВО МАКЕДОНСКОТО ПОЛИТИЧКО МИЛЈЕ

  • Оваа платформа на администрацијата на претседателот Трамп, која, освен домашна пресметка со радикалната левичарска идеологија, се шири и глобално, особено со последици во Европа, нема и не може да ја одмине ниту Македонија. Иако кај нас доминантни се темите со предзнак „етно“, овој пат сме ставени во таканаречени фокус-земји за идеолошката конфронтација со радикалната левица, која се става на исто рамниште со исламистичкиот џихад на пример. Секако, ова е ветер во едрата за десничарските политичари низ Европа. Последиците веќе се чувствуваат, а и Македонија ги отвори своите карти токму во Вашингтон

Колумната во која реков дека „Трамп ни намести волеј за името Македонија“ ги разбранува духовите во македонското милје. Иако во нашиов политички театар главните улоги главно ги играат маските на етничките прашања, овој пат се кренаа некои гласови за да прашаат – која е таа радикална левица?! Во таа колумна ја лоциравме, но да повториме за да нема дилеми – токму таа што на радикален начин ги смени името, Уставот, идентитетот, го донесе Вториот протокол… Доволно?
Но сега темата за радикалната левица и нејзината нагласена неолиберална идеологија ја ставаме во контекст на идеолошка борба што ќе добива уште понагласен карактер. Таа борба се одвива под холивудски наслов „Агенда 47“. Тој наслов означува дека Трамп е 47. претседател на САД, а главна точка на таа мамутска програма, која особено ќе ја зафати Европа, е историска пресметка со радикалната левица. Како важен бренд на „Агенда 47“ е уште еден холивудски наслов – МАГА (Да ја направиме Америка повторно голема). И во овој идеолошки дуел, да не заборавиме дека Белата куќа има нов шериф, меѓу главните прашања се поставуваат тие за идентитетите и суверенизмот, па затоа и таканареченото сеење пасоши по светот не е за чудење (Грција, Бугарија, Италија, Ирска…). Тоа е процес во тек, а бидејќи ние како Македонија и Македонци тврдиме дека сме дел од западниот свет, добро е мошне длабински да ги следиме овие процеси. И да бидеме проактивни. Значи, ова е процес што како идентитетско прашање, од кое зависи иднината, ја засега најмногу западната цивилизација. Таа е во надолна линија и таа бара решенија.

ШТО КАЖА РУТЕ

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, пред самитот на Алијансата во Анкара, Турција, за „Политико“ даде интервју во кое ги отвори сите карти на маса. „Трамп е во право. За сѐ е во право“, нагласи Руте. Од тоа дека Европа треба длабоко да брцне во џебот и да ја плаќа сама одбраната за еден ден да застане на свои воени нозе до тоа дека Гренланд треба да биде подобро заштитен, за да биде и Арктикот под контрола на НАТО. Руте подвлекува дека се случил историски пресврт во однос на финансирањето, нешто за што Американците се залагаат од времето на Ајзенхауер, но само на Трамп му успева тоа. Можеби е прерано за ваков оптимизам на Руте, но дека има пресврт, тоа секако.
Факторот Трамп и неговата политика на стегање на менгемето околу радикалната левица и либералните вредности, кои ги прескокнаа сите црвени линии на христијанско однесување и морал, кој треба да биде основата на западната цивилизација, донесоа неколку посериозни ломови. Пред сѐ во Обединетото Кралство, каде што влади паѓаат еднаподруга, а расте еден близок човек на Трамп – Најџел Фараж. Токму Фараж удира кон една од најболните точки во Обединетото Кралство – миграцијата. Коцката е фрлена, тензиите растат, како што расте и популарноста на Фараж. Нешто слично се случува и во Франција, каде што, историски гледано, владее невидена политичка поларизација, која го доведува во прашање и моделот на Петтата Република. На вратите во Елисејската палата сериозно тропа француската икона на десницата – Марин Ле Пен. Иако таа не е осамена птица од тоа јато, затоа што има и од десно подесно.

ГЕЈ-ШЛАКАНИЦА ЗА МЕРЦ

За тоа до каде отиде Европа, и тоа токму една од нејзините земји-столбови, ќе го наведеме неодамнешниот пример со лидерот на парламентарната група на ЦДУ во Бундестагот, Јенс Шпан. Тој е поранешен министер за здравство со епитет „контроверзен“ поради наводни скандали за време на кризата со ковид-19. Се гледаше како наследник на Кол, Меркел и Мерц во ЦДУ. Но неговата политичка кариера пред некој ден е запечатена. Тој решил да му се посвети на семејниот живот со неговиот маж-партнер. Неговиот грев не е во геј-бракот, туку во кршењето на законот – забрането е сурогатството, а Шпан го направил токму тоа, со мајка-сурогат некаде во Америка за тој да стане родител во Германија. Оставка. Наместо на политиката, сега ќе му се посвети на семејството. Ако се прашуваме за какви семејни вредности во конкретниов случај можеме да зборуваме, тоа е секако тешко прашање, но и за германското општество станува понапорно за џвакање. Но тоа е Германија, тоа е поголемиот дел од членките на ЕУ, каде што геј-заедниците и нивните лоби-групи не ја кријат својата моќ и затоа и овие прашања сѐ повеќе ќе стануваат актуелни. Ова, пак, за Мерц значеше дополнителни проблеми со неговиот рејтинг, зашто дел од тие гласови оди на сметката на брзорастечката АфД. Ова, од друга страна, треба да биде дополнителен показател дека во глобалниот ресет функционира системот на сврзани садови.
Но „Агенда 47“ пред сѐ е наменета за самата Америка. Таму се случуваат драматични промени, каде што поради руско-украинската војна, војната со Иран и други регионални судири во кои се прекршуваат и американските интереси, внатрешните процеси не се следат толку внимателно на радарите. Само ќе потсетиме дека вклучувањето на специјалните сили на царинските органи и миграцијата (ИЦЕ), формирани во 2002 година, кои треба да го расчистуваат теренот од нелегалните имигранти, ја крена политичката температура на многу високо, па и опасно ниво, особено во државите што се под политичко лидерство на демократите. Некои велат дека на моменти сето тоа заличувало на почеток на нова граѓанска војна, иако веќе е во оптек терминот „културолошка војна“. Веќе се во тек промени во образовниот систем, каде што се вршат нови акредитации за универзитетите, при што посебна заштита имаат конзервативните центри, се укинува „вок“ идеологијата, се прават чистки во јавната администрација, се намалува длабоката држава, се укинуваат департменти… И оваа Трампова агенда фаќа корен и преку кањонот, каде што се наоѓаат демократите. Тие веќе за наредните избори во 2028 година најавуваат настап под логото „Америка на прво место“ (Америка фрст). А што зборува Трамп? Руте би рекол – Трамп имаше право за сѐ. Всушност „Америка фрст“ е стара политика, но неа успешно ја обнови и присвои токму Трамп за време на неговиот претходен мандат и тоа лого стана препознатливо во надворешната политика.

МУЦУНСКИ СО ОТВОРЕНИ КАРТИ ВО ВАШИНГТОН

Рековме дека во вакви драматични геополитички промени функционира системот на сврзани садови, а тоа значи дека бранови од овие бури ја заплискуваат и Македонија. Нашата земја како сојузник на САД и како дел од колективната безбедност под чадорот на НАТО не може да ги избегне овие влијанија. Од друга страна, ние сме и географски на линијата каде што се прекршуваат и старите и новите коридори, а тоа значи и прекршување на интересите на големите и на регионалните сили. Кога зборуваме за големите, пред сѐ мислиме на ЕУ (Германија, Франција), Обединетото Кралство, Русија и Кина, а како регионални секако на Турција, Унгарија (неизвесно по кој пат ќе ја води Петар Маѓар) и, за нас неизбежно, Грција, која ни е поставена како вазал. Народски кажано, Атина и нејзината политика ни се историската рак-рана за која во моментов не се бара лек.
Да се вратиме на главната тема за „Агенда 47“. Неодамна во Вашингтон државниот секретар Марко Рубио им беше домаќин на претставници од 66 земји на конференција за подемот на политичкиот тероризам, со нагласка на левиот радикализам, а попрецизно за дејствувањето на групи како што е германската Антифа. Но листата ќе се шири. Македонски претставник на таа конференција беше министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски. Според соопштението на МНР, Муцунски истакнал дека „кога насилството се користи за замолчување на политичкиот говор, заплашување избрани функционери и граѓани, напади врз органите на прогонот или влијание врз демократските процеси, тогаш повеќе не станува збор за вообичаено политичко несогласување, туку за организирано политичко насилство, а во неговите најтешки облици и за тероризам“.
Тој нагласил дека слободните општества никогаш не смеат да се плашат од дебата, бидејќи демократијата почива врз различноста на мислењата, но и дека политичкото насилство никогаш не смее да стане легитимен јазик на политичките промени. Осврнувајќи се на регионалниот контекст, Муцунски посочи дека оваа закана има сериозна димензија и за Западен Балкан како стратешки чувствителен регион. Во таа насока, тој ја нагласи потребата од подобро разбирање на каналите на радикализација, идентификување на финансиската и логистичката поддршка, како и утврдување дали надворешни актери ги злоупотребуваат домашните тензии за постигнување пошироки стратешки цели.
Муцунски ги отворил картите на маса. До нас е, до нашиот капацитет и политичка волја како овие предизвици ќе ги следиме, анализираме и спречуваме во самиот корен. Видовме што направи една радикална операција во Македонија за промена на името. Операција раководена токму од левицата и во Македонија и во САД и во Грција. Значи, не бараме игла во сено, туку слон во продавница за порцелан. „Агенда 47“ дојде и во Македонија. Дали е добредојдена? Одговорите сами ќе си дојдат, а нема да чекаме премногу долго. Иако, контраударот е веќе во подготовка. Ако бараме траги од каде доаѓа, најдобро е да ги следиме медиумите, но не како наслови, туку со длабинска анализа.