Светот сѐ уште зборува за скандалот на неодамнешното 94-то доделување на „оскарите“, кое се случи за време на доделувањето на статуетката за најдобар документарен филм. Крис Рок, кој требаше да го соопшти победникот, направи невкусна шега на сметка на сопругата на Вил Смит, Џејда Пинкет Смит, која страда од алопеција. Потоа Смит се качи на сцената и му удри шлаканица на Рок, викајќи: „Не споменувај ја мојата сопруга“, пред да се врати на своето место. Ова, според многубројните коментари и анализи, во целиот свет е најлошиот момент во историјата на „Оскарите“. Но ова не е прв скандал на оскаровските церемонии. Да се потсетиме на поголемите инциденти низ годините.
* * *
Во 1936 година, сценаристот Дадли Николс го повлече „оскарот“ за најдобро сценарио за „Свиркач“ поради штрајк на Американското здружение на сценаристи во тоа време. Ова е прв случај на доброволно откажување од наградата. По церемонијата, престижната статуетка му била испратена на Николс по пошта, но тој ја вратил.
* * *
Во 1938 година, наместо Алис Брејди, која не можела да присуствува на церемонијата, на сцената се качил непознат маж, кој во име на актерката ѝ се заблагодарил на Американската филмска академија и исчезнал. Никој до ден-денес не ги видел ниту него ниту статуетката.
* * *
Во 1940 година, црната актерка Хети Мекданиел, која глумеше во „Однесено од виорот“, стана првата Афроамериканка што освоила „оскар“, беше наградена за најдобра споредна женска улога. Сепак, поради расната сегрегација Мекданиел мораше да биде одвоена од другите номинирани, во специјално наменет дел од салата за црнци.
Неколку месеци претходно, на Мекданиел и на другите афроамерикански актери им беше забрането да присуствуваат на премиерата на филмот во Атланта. На неговата холивудска премиера, тие беа одвоени од остатокот од актерската екипа.
* * *
По рекордно долгиот говор на актерката Грир Гарсон, наградена за најдобра женска улога во филмот „Госпоѓа Минивер“, на церемонијата одржана во 1943 година, кој траел цели седум минути, миговите за заблагодарување се скратени, а од 2010 година наваму добитниците имаат само 45 секунди за своите говори.
* * *
Во 1973 година, Марлон Брандо се откажа од „оскарот“ за главна улога во „Кум“ на Френсис Форд Копола. Тој одлучи на тој начин да протестира против дискриминацијата на Индијанците. На доделувањето на „оскарите“ тој ја испрати ќерката на индијанскиот поглавар Сачин Малиот Пердув, која од сцената на организаторите и на светот им ја пренесе изјавата на актерот.
* * *
Во 1974 година, активистот за хомосексуални права, уметник и фотограф Роберт Опел истрча на сцената за време на церемонијата. Неговата цел беше да го привлече вниманието на јавноста кон проблемите на сексуалните малцинства.
* * *
Во 1978 година, Ванеса Редгрејв, која доби „оскар“ за најдобра споредна женска улога за филмот „Џулија“ на Фред Цимерман, одржа антиционистички говор поради кој беше исвиркана во салата.
* * *
Во 1993 година, на доделувањето на „оскарите“, Ричард Гир, кој требаше да прочита претходно подготвен текст за наградениот продуцент, ја искористи говорницата за да ја осуди политиката на Кина во Тибет. По ова, актерот никогаш не беше поканет на доделување на наградите.
* * *
Во 2000 година за време на транспортот беа украдени 55 статуетки „оскар“. Педесет и две од нив подоцна беа пронајдени во контејнер за отпад. На добитниците им беа дадени две влезници за церемонијата и 50.000 долари.
Истата година, креаторите на „Саут Парк“, Треј Паркер и Мет Стоун, се појавија на церемонијата облечени во фустани што беа реплики на креациите што ги носеа актерките Џенифер Лопез и Гвинет Палтроу на претходната церемонија. Но имаше кој да ги засени и нив. Тоа беше Анџелина Џоли, која на црвениот килим го бакна својот брат Џејмс Хевен во уста. „Моментално сум многу заљубена во својот брат“, рече Џоли по добивањето „оскар“ за најдобра споредна актерка во филмот „Девојка, прекин“.
* * *
Во 2003 година, наградата за најдобра режија му припадна на Роман Полански за „Пијанистот“, но режисерот побара азил во Швајцарија поради прогонот на американските власти, по обвинувањата за педофилија. Полански подоцна ја доби статуетката од неговиот близок пријател Харисон Форд.
* * *
Во 2012 година, комичарот Еди Марфи одби да биде домаќин на церемонијата поради смената на продуцентот Брет Ратнер, кој го покани да биде водител. Причина за смената на Ратнер беа неговите невнимателни забелешки за сексуалните малцинства на прес-конференција посветена на комедијата „Кинти на небото“.
* * *
„Белата трка“ за „оскарите“ ги разбранува духовите во 2016 година, кога избувна расен скандал. Црните актери и режисери повикаа на бојкот на церемонијата поради отсуството на Афроамериканци меѓу номинираните во актерските категории. Како одговор на обвинувањата, менаџментот на Американската филмска академија одлучи во својот одбор да вклучи и претставници на малцинствата. Истата година се случи уште еден голем пропуст. Си-ен-ен предизвика вистински скандал кога емитуваше прилог како се прават и како изгледаат статуетките на „оскарот“, а во кадарот се појави и плочката со натписот дека добитник е Леонардо ди Каприо.
* * *
Моментот што долго ќе се памети е прогласувањето погрешен добитник во 2017 година. Тогаш Феј Данавеј и Ворен Бити го прогласија „Ла ла ленд“ за најдобар филм, меѓутоа добитникот на статуетката всушност беше „Месечева светлина“. Режисерот на филмот и остатокот од филмската екипа излегоа на сцената, почнаа да се заблагодаруваат, а потоа настана хаос. Имено, се покажа дека не станува збор за вистински плик, туку за резервен и дека не победи овој филм, туку филмот „Месечева светлина“.