Потребно е системско решение и, пред сè, да се воспостави комуникација помеѓу театрите/центрите за култура низ земјава, државните и приватните драмски академии и Министерството за култура, велат иницијаторите на „Аудиција сега“

Речиси 100 дипломци, кои се дел од иницијативата на невработени театарџии во Македонија, бараат соодветен третман во државата преку акцијата наречена „Аудиција сега“. Тие деновиве им се обратија на надлежните во името на над 160 дипломирани театарски работници, од кои еден дел се на професионално доусовршување во странство, дел се имаат откажано од театарот, а дел (над 60 театарџии) се невработени или вработени, но не во својата струка: актери, режисери, продуценти и драматурзи/драмски автори.
– Приоритетно барање на иницијативата е формирање работна група за разработка на веќе постојните, но и креирање нови културни политики, отворање нови работни места, воведување нови критериуми за оценување на проектите за независната сцена, водење сметка за процентот на учество на невработени/вработени театарџии во театарските продукции при бодувањето, задолжително ангажирање невработени режисери со по минимум еден проект во институциите годишно, ангажирање невработени актери во секоја претстава во продукција на институционалните театри и редовни конкурси за драми на македонски драмски автори – велат иницијаторите на „Аудиција сега“.

Постојат повеќе причини за оваа иницијатива.
– Пандемијата ги погоди сите театарџии, а особено невработените. Конкурси за вработување речиси и да немаше, а тој едниот што го имаше – беше укинат пред самото одбирање на актерите. За драматурзи и режисери конкурси немало од 2014 година. Проектите во националните установи се намалија, а ковид-протоколите налагаа тоа да бидат претстави со помал број актери. Предност им се даваше на вработените во институциите. Секако постои и независната сцена, но месечниот хонорар на независната сцена не исполнува ни една минимална плата. Чувството на заборавеност и невидливост, меѓу сите гореспоменати причини, беше нашиот поттик. Зад иницијативата стои секој невработен театарски работник што е потписник на листата, а почнуваме да добиваме поддршка и од вработените колеги. Одзивот е голем и листата секојдневно расте. Повеќето од нас се актери, но тука се секако и театарските режисери, драматурзите и продуцентите – вели актерката Марија Димитрова.

Тие направија листа на барања, која минатата недела беше доставена до Министерството за култура.
– Нашето барање за средба со министерката за култура Костадиновска-Стојчевска беше одобрено и следната недела иницијативата ќе ја дискутира целата листа. Како колектив, постојано комуницираме и активно работиме и за нештата одлучуваме последователно – дополнува Димитрова.
Бројката на невработени театарџии што се вклучуваат во иницијативата секој ден нараснува. Речиси 100 театарџии изразија интерес да станат потписници на барањата.
– Несомнено долга би била листата на проблемите со кои се соочуваме сите ние, но да почнеме од основниот проблем, егзистенцијата. Сите ние театарски работници на листава сме невработени во нашата струка, па затоа многумина си го бараат чарето во некои други професии што се надвор од нашата примарна сфера. Отворени кастинзи за актери во државните театри речиси и да не постојат или, пак, се многу ретки, хонорарите што ги добиваме се несоодветни за трудот и сработеното, невработените режисери ретко кога имаат можност за ангажман во институција. Сумите што ги добива независната продукција во споредба на оние што ги добиваат институционалните продукции се навистина смешни. Тука се гледа нееднаквиот третман на институционалната и вонинституционалната сцена од државните институции. Од друга страна, пак, независните продукции во последниве неколку години покажаа дека слободно можат да им парираат на институционалните продукции по квалитетот што ѝ го нудат на публиката – вели актерката Ивана Павлаковиќ.
Според неа, потребно е системско решение и, пред сè, да се воспостави комуникација помеѓу театрите/центрите за култура низ земјава, државните и приватните драмски академии и Министерството за култура.

– Сме слушале од повозрасните колеги дека порано било многу полесно да се игра во некој театар и како од дипломирањето директорите на театрите ги следеле кариерите на младите актери/режисери/драмски автори и ги канеле да бидат дел од нивните ансамбли. На многу прашања низ годиниве сме добиле само тапкање по рамо и кревање раменици, како и префрлање вина меѓу институциите. Искрено, се надеваме дека и ние конечно ќе добиеме одговор на ова прашање, зашто бројката на невработени театарџии е алармантна – потенцира Павлаковиќ.