Фото: ЕПА

(Не)справувањето на ЕУ со предизвикот поврзан со мигрантите поттикна барања за преиспитување на европската регулатива и на судската пракса на судското тело во Советот на Европа

  • По барање на неколку влади, вклучувајќи ги и оние на Џорџа Мелони (Италија) и Мете Фредериксен (Данска), 46-те земји членки на Советот на Европа објавија политичка декларација насочена кон делиберализирање на регулативите и преиспитување на судската пракса на Европскиот суд за човекови права (ЕЦЧП) во врска со третманот на предизвиците со мигрантите
  • Политичката декларација усвоена во петокот детално ја опишува посакуваната примена на одредени клучни членови од конвенцијата за имиграција. Генерално, таа промовира сè построга примена на конвенцијата со цел да им се овозможи на државите да продолжат со заострување на нивните миграциски политики и да ги протераат, како што сметаат дека е соодветно, луѓето што се сметаат за непожелни на нивна територија
  • Јазикот на декларацијата е подипломатски, но одредени клучни идеи остануваат. Пораката испратена до судиите е јасна: применувајте рестриктивна судска пракса во врска со прашањата за миграција, анализира Пеги Дукуломбие, професорка по право на Универзитетот во Стразбур

Италија под водство на владата на премиерката Џорџа Мелони и Данска, предводена од премиерката Мете Фредериксен, поддржани од седум други земји, на 22 мај минатата година започнаа офанзива оквалификувана како исклучително силна, во врска со европската регулатива поврзана за предизвикот со мигрантите, како и во врска со длабоко преиспитување на судската пракса на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), по истата основа.
Во отворено писмо, Мелони и Фредериксен повикаа на „преиспитување на тоа како се толкува Европската конвенција за човекови права“ во врска со имиграцијата. Во ова писмо остро се критикува Европскиот суд за човекови права за неговата јуриспруденција, која, според авторите, поставила „премногу ограничувања на можноста матичните (имигрантски) држави да одлучат кого да протераат од својата територија“.

Усвоена декларација по едногодишна дебата!

Во тоа време, токму пред една година, италијанската премиерка Џорџа Мелони го оправда своето писмо со наведување на нејзината желба да „отвори политичка дебата“ за конвенцијата во светлината на моменталниот феномен на миграција. Овој предизвик до судското тело на Советот на Европа, со седиште во Стразбур, првенствено ги потресе, но и ги ослабна неговите судии одговорни за Конвенцијата за човекови права. Една година подоцна, Ален Берсе, генералниот секретар на Советот на Европа, го изрази своето задоволство.
– Успеавме да ги здружиме земјите од цела Европа, со различни гледишта и искуства, за да дефинираме заедничка позиција за тоа како системот треба најдобро да функционира, особено во предизвикувачкиот контекст на миграцијата – кажа Берсе.
Ова е олеснување за поранешниот швајцарски претседател, кој една година се обидуваше да ја канализира оваа експлозивна дебата што кулминираше со усвојување политичка декларација со која се решава контроверзноста, од страна на министрите за надворешни работи на 46-те членки на Советот на Европа, во Кишинев, главниот град на Молдавија, во петокот.

Усвоен текст што промовира сè построга примена на конвенцијата и им се овозможи на државите да продолжат со заострување на нивните миграциски политики

Усвоениот текст ги потврдува „независноста на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) и интегритетот на системот на Европската конвенција за човекови права“, како и „апсолутната природа“ на одредени принципи, како што се забраната за тортура и принципот на „недискриминација“.
Наш извор од Советот на Европа запознаен со дискусиите вели дека „била избегната тоталната и апсолутна ревизија на Европската конвенција за човекови права“, како што се надеваа Франција и Шпанија, како и одредени реперкусии кон судиите, кои прелиберално ја применуваат.
Суверенистичкиот пристап предводен од Данска, Италија, а исто така и со значајна поддршка од Обединетото Кралство, сепак постигна одреден успех.
Политичката декларација усвоена во петокот детално ја опишува посакуваната примена на одредени клучни членови од конвенцијата за имиграција.
Генерално, таа промовира сè построга примена на конвенцијата со цел да им се овозможи на државите да продолжат со заострување на нивните миграциски политики и да ги протераат, како што сметаат за соодветно, луѓето што се сметаат за непожелни на нивна територија.

Што е стипулирано во текстот на декларацијата?

На почетниот работен состанок во Стразбур во декември 2025 година, трите земји баратели успеаја да убедат 24 други земји да им се придружат во барањето рамка за судската пракса на ЕСЧП во врска со имиграцијата.
– Овој текст од 27-те земји, во декември, несомнено влијаеше врз Политичката декларација од Кишинев – забележува за париски „Ле монд“, Пеги Дукуломбие, професорка по право на Универзитетот во Стразбур.
– Јазикот е подипломатски, но одредени клучни идеи остануваат. Пораката испратена до судиите е јасна: применувајте рестриктивна судска пракса во врска со прашањата за миграција! – вели таа.
Конкретно, политичката декларација на Советот на Европа – која не им наметнува никакво толкување на судиите, туку ги охрабрува да ја следат нејзината перспектива – ја разјаснува содржината на одредени клучни членови од Конвенцијата за имиграција, особено критикувани од Копенхаген, Лондон и од Рим.
· Декларацијата предлага, на пример, толкување на членот 3, кој забранува тортура. Во овој контекст, не ја доведува во прашање „апсолутната забрана“ на тортура, туку го разјаснува толкувањето на термините „нечовечки или понижувачки третман“ во врска со лицата што се предмет на депортација во државата во која треба да бидат вратени.
· Декларацијата тврди дека депортацијата не може, на пример, да се спречи ако квалитетот на здравствената заштита во државата во која се вратени не ги исполнува европските стандарди.
· Во врска со членот 8, кој се занимава со почитување на приватниот и семејниот живот и често се повикува од депортираните лица за да избегнат депортација, државите веруваат дека националните судови се „подобро позиционирани од меѓународен суд за да ги проценат локалните услови и потреби“. Затоа, тие повикуваат на почитување на изборите на државите.
Во својата декларација, 46-те членки на Советот на Европа, исто така, се осврнуваат на „предизвиците поврзани со инструментализацијата на миграцијата од страна на непријателски актери, предизвиците што ги поставуваат масовните пристигнувања и соодветните процеси на донесување одлуки“.
Во овој поглед, тие бараат од судиите прецизно „да проценат дали државните органи ги исполнуваат своите обврски. Специфичниот контекст во кој тие работат е дел од целокупната процена што ја бара конвенцијата“.
Со други зборови, државите вршат обновен политички притисок врз европските судии, од позиција на свој државен интегритет и суверенитет, а наедно ги уверуваат дека „остануваат целосно независни од следењето на нивните совети“.

Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција