Разиграни стихови за деца во „Брзозборливо“

110

Од творештвото на писателката Снежана Паноска

„Брзозборливо“, „Зајко“, „Нишалка“, „Слонче“, „Подарок“, „Есен“, „Прваче“, „За мама“, „Сонце“, „Желна“ и уште шеесетина други песнички се дел од збирката поезија за деца „Брзозборливо“ од прилепската поетеса Снежана Паноска. Оваа прва збирка поезија за деца плени со секој испишан збор. Во нејзините думи има тежина или, како што вели професорката Цеца Видова Трајческа, во стиховите на поетесата се кријат метафори, симболи, компарации, градации…
Поетесата Снежана Паноска создава од млада возраст. Досега објавила повеќе збирки поезија, меѓу кои и збирките за деца „Брзозборливо“ и „Светулки“. За нејзиниот придонес во литературата и културата, особено за поезијата и расказите, во 2018 г. ја доби наградата „Трети ноември“ на градот Прилеп. Ка.М.

БРЗОЗБОРЛИВО

Се скарале три гугучки,
три гугучки вртимушки,
се качиле на гранката,
на гранката, над најтенката,
која кај да седи се мислеле,
бројаници си броеле,
брканица си правеле,
една напред, друга назад,
третата на средина,
и пак место не си нашле,
безброј пати се смениле,
на брзина се промениле,
забрзано се смееле,
и брзозборка си броеле,
едно, две, три,
глувчето се скри,
мачето ми мјаукна,
кучето им залаја, кукурикна петел весел,
ги погледна мачор бесен,
и така по цел ден се карале,
брзозборливо гугукале,
а вие дечиња мои мили,
пробајте со сите сили,
да кажете што побрзо,
што слушнавте и што било.

ЗАСПИВАЛКА

Нaни, нани детенце,
Мое мило јагненце,
да пораснеш големо,
да ми дојдеш на гости,
баба ќе ти даде,
шарено јајце,
гускино, паткино,
шаткино, слатко,
и една рака
шарени бонбони,
и едно лижалче
како петленце,
петленцето кукурика
Кукурикурикукууу…
Нани, нани детенце,
на баба галениче,
на дедо милениче,
ти на мама срценце,
и на тато душиче.
И пак одново започнувам,
дури сонот на очи ти ткае,
мирно детство, полно радост,
а душата моја трепери
над твојот сон дури заспиваш.

ПРВАЧЕ

Роза росна, цвеќе бело,
замирисало утре рано,
Стефанија со радост блика
растрчала нозе боси,
песни реди, чанта носи,
исчешлала долги коси.

Раце мие, лице чисто,
прваче се спрема бистро,
ѕвонче ѕвони за на час
пее Стефанија на цел глас.

Збогум игри, кукло мила
и ти братче мое мало,
ќе се дружам пак со вас
штом заврши тој прв час.

Букви, песни, сказни разни,
ќе научам, ќе се фалам,
тетратките петки бројни
сѐ со радост ќе наполнам.

Снежана Паноска