Фото: „Нова Македонија“

Суверенизмот по брегзит и Трамп: Од идеологија до политичка практика

  • Во опсервацијата што следува ќе направиме кус осврт на отстапувањето на претседателот на САД, Доналд Трамп, од изворната идеја за „свртување на Америка кон себе и тврдиот принцип на суверенизмот“, како и кус осврт кон европскиот суверенизам чии појавни облици ги идентификуваме и во брегзит на Велика Британија, иако препознатливиот белег на европскиот суверенизам во последно време беше во државите на Централна и Источна Европа

Најопшто земено, суверенизмот традиционално се разбира како политичка и идеолошка позиција што инсистира одлуките да се носат што е можно поблиску до (во и од) националната држава. Во таа рамка, државата се гледа како примарен носител на легитимитет, додека надворешните наметнати влијанија и зависности, било економски, политички или културни, би требало да се сведат на минимум.
Наспроти тоа, глобализмот подразбира пренесување на дел од суверенитетот кон наднационални институции и организации, како и продлабочена меѓусебна зависност меѓу државите.
Во европски контекст, оваа логика најсилно се манифестира преку институциите на Европската Унија, каде што дел од националните надлежности се пренесени на заедничко ниво.
Овие поими не се само апстрактни идеолошки категории. Тие се и конкретни механизми на управување, кои се менуваат зависно од историскиот момент, кризите и политичките актери што ги обликуваат. Така е и во сегашниот историски контекст, каде што има судир на двата концепта и доктрини (либерализмот/глобализмот, наспроти суверенизмот/традиционализмот), кои активно влијаат еден врз друг, судирајќи се во една постојана меѓусебна борба, видоизменувајќи се меѓусебно. Во опсервацијата што следува ќе направиме кус осврт на отстапувањето на претседателот на САД, Доналд Трамп, од изворната идеја за „свртување на Америка кон себе и тврдиот принцип на суверенизмот“, како и кус осврт кон европскиот суверенизам чии појавни облици ги идентификуваме и во брегзит на Велика Британија, иако препознатливиот белег на европскиот суверенизам во последно време беше во државите на Централна и Источна Европа.

Европскиот суверенизам: од критика до мобилизација

Во текот на последните децении, низ Европа се појавија голем број политички движења и партии што се дефинираат себеси како „суверенистички“. Нивната клучна теза е дека националните држави отстапиле премногу овластувања на наднационалните структури, особено на Европската Унија.
Овие актери тврдат дека таквото пренесување на моќта довело до низа проблеми, како што се економски нееднаквости, пад на животниот стандард, институционална неефикасност и можеби најважно, тоа довело до ерозија на националниот идентитет! Овде треба да додадеме дека од Македонија како држава кандидат дури беа побарани и најтешки отстапки на штета на националниот идентитет, а дел од нив и се случија и требаше да бидат виза за влегување во ЕУ. Оттука, противењето на европските суверенисти за понатамошно пренесување на суверенитетот на „наднационалната ЕУ“ и преструктурирање на Унијата во насока на федерација (сојузна држава) станува централна точка на суверенистичката политичка агенда. На оваа основа се надоврзуваат и други политики, како што се отпор кон фискална солидарност со земји во криза, построги политики кон миграцијата, одбивање реформи иницирани од Брисел, нагласување „економски патриотизам“ итн.
Во тој контекст, излегувањето на Обединетото Кралство од Европската Унија често се посочува како најчист пример на суверенистичка логика во пракса! Имено, тоа е всушност радикалното враќање на одлучувањето на национално ниво, што многумина во Брисел го превидоа како чист облик на суверенизам, а на адреса на Лондон не стигнаа толку обвинувања за „рушење на концептот на ЕУ“, како што стигнаа на адреса на Будимпешта, Братислава, Прага, Полска…

Различни лица на суверенизмот

Рака на срце, иако често се групираат под ист поим, европските суверенистички движења никогаш не биле идеолошки хомогени.
Во Централна и Источна Европа, суверенизмот доби една димензија на „нагласување на правото на национално самодефинирање во рамките на Унијата“, што всушност и најмногу се совпадна со разбирањето на суверенизмот во Македонија, бидејќи токму тоа нешто македонските граѓани и држава го почувствуваа на своја кожа!
Понатаму, владите во Полска и Унгарија често се посочуваат како примери за еден друг облик на суверенизмот каде што тој се поврзува со „отпор кон либералните стандарди на Брисел“!
Натаму, во Германија, на пример, раните фази на Алтернатива за Германија (АфД) беа фокусирани на критика на еврозоната и фискалната политика. Во Франција и Холандија, пак, доминантна тема на суверенистичкиот процес станаа „миграцијата и културниот идентитет“.
Така, наместо единствена идеологија, суверенизмот во Европа функционира како „чадор“ под кој се собираат различни, понекогаш и контрадикторни политички позиции.

„Трамп-ефектот“: Отстапување од изворните позиции на еден концепт

Појавата на Доналд Трамп на глобалната сцена внесе нова динамика во разбирањето на суверенизмот. Неговата политика на „Америка на прво место“ го радикализираше концептот, претворајќи го во агресивен економски и геополитички инструмент.
Но токму тука се појави парадоксот. Она што за некои беше „чист“ суверенизам, за други почна да наликува на „нов вид империјализам“. Наместо рамноправни односи меѓу суверени држави, се појави логика на доминација и еднострани одлуки.
Така, сега се случува еден посебен феномен. Имено, европските суверенисти, соочени со оваа реалност, почнаа постепено да ја менуваат својата реторика. Наместо безрезервна поддршка, се забележува внимателно дистанцирање. Политички лидери како Џорџа Мелони, Марин Ле Пен и други сè повеќе се обидуваат да го „европеизираат“ суверенизмот, правејќи го поприфатлив и помалку конфронтациски. Нивното тежиште сепак останува една идеолошка позиција што инсистира одлуките да се носат што е можно поблиску до националната држава, но без елементи на трампизмот, кој во себе содржи и империјални аспирации и хегемонија.

Новиот суверенизам чекори кон европска редефиниција

Денес, значењето на суверенизмот веќе не е исто како пред една деценија. Наместо едноставно враќање на надлежностите на национално ниво, сè почесто се зборува за потреба од редефинирање на односот меѓу националното и европското. Тоа се темата, концептот и доктрината што сѐ почесто се отвораат и во нашата држава, односно стриктно задржување на изворниот национален супстрат и инсигнии (а не во видоизменет и приспособен стил како што се направени отстапките и уште дополнително се бараат нови), уважување на нашата посебност и на тој начин интегрирање во европските структури.
Во таа смисла, и во Европа се појавува нова варијанта на суверенизам што не ја отфрла Европската Унија туку сака да ја преобликува. Наместо класичен наднационален модел, се предлага пофлексибилна структура и тоа би значело повеќе автономија за државите членки, но во исто време и поголема координација во клучни области, со акцент на заеднички интереси, а не на централизирана власт. Со ова се отвора прашањето и на начинот на реструктурирање на ЕУ и нејзината иднина, и тоа НЕ како федерална творба, туку како заедница на суверени држави…

Европа на крстопат

Ако сегашните глобални трендови продолжат – геополитички тензии, економска несигурност, миграциски притисоци – дебатата меѓу суверенизмот и глобализмот ќе стане уште поинтензивна.
Европа се наоѓа на крстопат: дали ќе продолжи кон подлабока спирала на тонење според постојниот модел или ќе се сврти кон нова рамнотежа меѓу националниот суверенитет и заедничкото дејствување. Во таа дилема, суверенизмот повеќе не е само реакција на глобализмот. Тој станува активен проект за редизајн на европскиот политички поредок, со сите ризици, но и потенцијали што ги носи тоа. П.Р.