Фото: ЕПА

Американските разузнавачки служби го мерат политичкото чинење од прогласувањето крај на војната со Иран

  • Според информации пренесени од извори блиски до процесот, агенции како ЦИА и Канцеларијата на директорот на националното разузнавање на САД не се фокусираат исклучиво за политичко-безбедносни процени на воените капацитети на Иран. Паралелно со тоа, тие развиваат сценарија за „политичките, психолошките и ефектите на јавноста“ од различните модели и сценарија на завршување на конфликтот

Во сенка на воените операции и дипломатските маневри, специјализираните аналитички служби на целокупната разузнавачката заедница на САД деновиве се ангажирани на конципирање една значајна анализа порачана од Белата куќа. Имено, тоа е една т.н. политичко-безбедносна процена за тоа како ќе го перципира исходот од конфликтот не само Техеран туку и како ќе реагира американската јавност, медиумите, односно граѓаните на САД. Ова прашање станува особено чувствително за администрацијата на Доналд Трамп, за која исходот од војната сè повеќе се претвора во внатрешнополитички товар.

Разузнавачката процена е повеќе од воена анализа

Според информации пренесени од извори блиски до процесот, агенции како ЦИА и Канцеларијата на директорот на националното разузнавање не се фокусираат исклучиво за политичко-безбедносни процени на воените капацитети на Иран. Паралелно со тоа, тие развиваат сценарија за „политичките, психолошките и ефектите на јавноста“ од различните модели и сценарија на завршување на конфликтот.
Според анонимни извори од разузнавачката заедница на САД, која зборуваа за американски медиуми, клучна дилема на надлежните аналитички служби при разузнавачката заедница се прашањата дали еднострана декларација за победа од страна на Вашингтон ќе се перципира како сила или слабост. И тоа истата дилема се поставува и како би се перципирала и во Техеран и дома, меѓу американските гласачи.

Три сценарија, три различни ризици

Разузнавачките анализи, според изворите инволвирани во овој предизвик, се фокусираат на неколку можни исходи, односно сценарија.

1. Првото сценарио е брза декларација за победа и повлекување

Ова сценарио, според процените, би можело да има двоен ефект. Што се однесува на Иран, голема е веројатноста Техеран да го протолкува тоа како сопствена победа, што може да го охрабри за обновување на нуклеарните и ракетните програми. Од друга страна, во САД ова сценарио би можело да значи краткорочно олеснување на политичкиот притисок врз Белата куќа, особено пред избори.

2. Второто сценарио се идентификува со моделот „декларација за победа на САД со задржување на военото американско присуство во Заливот“

Оваа опција се гледа како „половична стратегија“. Имено, процените на разузнавачите се дека според ова сценарио, Иран најверојатно би го сфатил овој потег како преговарачки маневар, а не како крај на конфликтот. Од друга страна, за домашната американска јавност ова може да изгледа како неодлучност, односно „ни риба ни девојка“ (ниту вистинско повлекување, ниту јасна победа).

3. Третото сценарио е продолжување или ескалација на конфликтот

Иако ова не е фокусот на тековните анализи, таа опција останува на маса. Политички, според разузнавачко-аналитичките процени, ова носи најголем ризик за администрацијата, особено ако конфликтот доведе до човечки и економски загуби.
Јавноста клучен фактор?!

Она што ја прави оваа политичко-безбедносна анализа специфична е вклучувањето на јавната перцепција како централен елемент. Разузнавачката заедница, традиционално насочена кон надворешни закани, сега индиректно ја проценува и внатрешната политичка динамика.
Според согледувањата на аналитичките служби на различните субјекти на разузнавачката заедница на САД, американските гласачи, според ваквите процени, најчесто реагираат позитивно на јасен и брз крај на конфликт, на минимални човечки загуби и на избегнување „бескрајни војни“. Но, истовремено, постои ризик дека прерано прогласена победа може да биде протолкувана како „политички спин“, особено ако Иран продолжи со провокации.
Од аналитичка перспектива, најголем краткорочен политички бенефит за Доналд Трамп доаѓа од првото сценарио, кое се идентификува со „брза деескалација на војната, проследена со декларација за победа“. Токму ова сценарио би го намалило притисокот врз американската висока администрација, би создало наратив за „исполнета мисија“ и би го пренасочило фокусот кон домашни теми пред избори. Но, долгорочно, токму ова сценарио носи најголем стратешки ризик, и тоа „можноста од „враќање“ на конфликтот во уште понеповолни услови“.
Според анонимни разузнавачки извори за американски медиуми, „разузнавачката заедница на САД не ја анализира само војната, туку таа го анализира и сценариото што би се развивало и потоа. Во современите конфликти, перцепцијата често е еднакво важна како и реалноста. За администрацијата во Вашингтон, изборот не е меѓу победа и пораз, туку меѓу различни верзии на „победа“ и секоја од нив има своја политичка цена и геополитички последици. Р.С.


Војната во Иран носи зголемена недоверба и неодобрување кај американските граѓани

Американците ја мерат цената, Трамп политичкиот ризик

Поддршката за воената кампања на САД против Иран драматично опаѓа, покажуваат најновите анкети на „Ројтерс“ и „Ипсос“. Само 26 отсто од испитаниците сметаат дека војната „вредела за трошоците“, додека уште помалку, 25 отсто, веруваат дека таа ја направила Америка побезбедна. Овие бројки ја отсликуваат зголемената недоверба кај јавноста кон конфликтот, кој сè повеќе се перципира како скап и без јасен исход.
Во Белата куќа, според извори запознаени со внатрешните дискусии, американскиот претседател Доналд Трамп е свесен за политичката тежина што ја носи војната, особено во пресрет на изборни циклуси. Тој навести можност за постигнување мировен договор за завршување на војната со Иран, истакнувајќи дека е остварен голем напредок во разговорите. Трамп притоа најави и привремено запирање на воената операција „Проект слобода“ за повторно отворање на Ормускиот Теснец.
Дополнителен притисок создава и економската димензија на кризата. И покрај прогласеното примирје, Ормускиот Теснец останува делумно блокиран, откако Техеран го наруши бродскиот сообраќај со напади и минирање. Овој теснец е клучен за глобалната енергетска трговија, со околу 20 отсто од светската нафта што минува низ него. Така што во САД последиците се веќе видливи, и тоа како раст на цените на енергентите глобално и поскапо гориво за американските граѓани. Токму овој економски удар дополнително ја намалува поддршката за војната, бидејќи директно го погодува домашниот буџет.
Иако евентуално намалување на американското воено присуство и договор со Иран би можеле да доведат до стабилизација на цените, дипломатските напори засега стагнираат. Откажувањето на средбата со ирански претставници, планирана преку посредници, сигнализира ограничена подготвеност за компромис. Во вакви услови, политичкиот ризик за Доналд Трамп расте. Ниската јавна поддршка, комбинирана со економски последици, ја претвора војната од геополитичко прашање во домашен политички товар, со потенцијални последици врз изборните резултати и позицијата на администрацијата. Р.С.


Вашингтон меѓу излезна стратегија и нова ескалација

Воените опции остануваат

И покрај сè поинтензивните размислувања за дипломатски излез од конфликтот со Иран, во Белата куќа воените опции и натаму формално остануваат на маса. Според извори запознаени со внатрешните дискусии, администрацијата на Доналд Трамп не ја исклучува можноста за обновени воздушни напади, вклучувајќи и операции насочени кон ирански воени и политички цели. Сепак, најекстремните сценарија, како што е копнена инвазија на иранска територија, во моментов се сметаат за значително помалку веројатни отколку пред неколку недели. Ова укажува на постепено пренасочување кон ограничени и контролирани воени акции наместо кон целосна ескалација.
Во меѓувреме, внатре во САД, домашниот политички притисок врз администрацијата расте. Извори од Вашингтон го опишуваат пресингот како „огромен“, со зголемени барања од јавноста и политичките кругови за ставање крај на војната, која сè повеќе се перципира како товар. Дополнителен фактор што ја комплицира ситуацијата е и развојот на теренот. Според разузнавачки процени, Техеран го искористил примирјето за повторно активирање дел од своите воени капацитети, поточно за „ископување претходно оштетена опрема, вклучувајќи лансери, муниција и дронови“. Тоа значи дека евентуалното продолжување на конфликтот би носело поголеми тактички и оперативни трошоци за САД и нивните сојузници отколку во почетната фаза од војната.
Примирјето, кое започна на 8 април, наместо да ја замрзне состојбата, делумно ѝ овозможи на иранската страна да се реорганизира. Во тој контекст, Вашингтон се наоѓа во комплексна позиција, односно „да бара излез од кризата што сам ја иницираше, но истовремено да го задржи кредибилитетот преку одржување воен притисок“. Резултатот е стратегија на „двојна патека“, што значи „дипломатија со подoтворена врата“, но и истовремено „подготвеност за нова ескалација доколку процените го наложат тоа “. Р.С.