Унгарија

Унгарија не ги поддржа безусловно потезите на Западот да ја изолира Русија и да го санкционира извозот на руска нафта и гас.
Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, официјално соопшти дека рускиот нуклеарен енергетски гигант „Росатом“ ќе започне со изградба на два нови нуклеарни реактори во Унгарија во наредните недели.
Ваквиот потег се повикува на договорот меѓу Русија и Унгарија од 2014 година, чија цел е проширување на постојната нуклеарна централа „Пакс“. „Пакс“ во моментов произведува 40 отсто од снабдувањето со електрична енергија во Унгарија.
Нуклеарната индустрија на Русија не подлежи на санкции од ЕУ поради нападот врз Украина.

Нека започне изградбата – напиша Сијарто во објава на Фејсбук.
Со двата дополнителни реактора ќе се удвои капацитетот на нуклеарната централа, која во моментов се состои од четири реактори изградени во Советскиот Сојуз.
Ова е голем чекор и важна пресвртница. Така ќе ја обезбедиме енергетската безбедност на Унгарија на долг рок и ќе ги заштитиме Унгарците од големите промени во цените на енергијата – наведе Сијарто во објавата на Фејсбук, пренесена од новинската агенција АФП.

Унгарскиот министер за надворешни работи додава дека нуклеарните реактори би можеле да бидат подготвени за работа до 2030 година. Проектот е во вредност од 12,5 милијарди евра и во голема мера е финансиран од Русија.