Драги деца, во годината кога го одбележуваме големиот јубилеј – 65 години од излегувањето на првиот број на „Колибри“ во дневниот весник „Нова Македонија“, во неколку наврати, во вид на времеплов ќе ве потсетиме на интересни текстови објавени на нашите страници. Денеска тоа е сторијата за најпопуларните, но и најхрабри животни во историјата, реални, оние што сме ги запознале на филмското платно или како анимирани херои, кои ги инспирирале децата и луѓето и на некој начин им го обележале животот

Тие прекрасни суштества

Од мал гулаб, па до горила, бестрашно куче или храбар коњ, голем број животни станаа популарни во светот. Било да се работи за анимирани ликови или за вистински јунаци, овие суштества покажаа дека можеме да се потпреме на нив, како и на луѓето, а често и многу повеќе.
И додека некои изгледаат застрашувачки, други се прекрасен потсетник на детството. Сепак, тие сѐ уште нѐ потсетуваат на тоа дека животните не се многу различни од луѓето.
Ќе ве потсетиме на некои од нив, кои станаа планетарно популарни.

Кучето Балто го спаси градот Номе од епидемија на дифтерија

Балто е првата сибирска хаска што го спаси градот Номе на Алјаска од епидемија на заразната и смртоносна дифтерија во 1925 година. Единствениот противотров бил со километри оддалечен, во градот Енкориџ, а поради лошото време и обилните снежни врнежи, единствен начин да се стигне таму било со санки. За да ја остварат целта, на луѓето им помогнале храбрите кучиња хаски, а најхрабар од сите бил Балто, кој јуначки го спровел тимот низ 800 километри долгиот пат, низ виулици и температури до минус 40 степени. Кога тимот успешно стигнал по лекот, Балто бил прогласен за херој.
Во 1995 година, оваа приказна стана тема на еден анимиран филм. Исто така Балто е овековечен и со скулптура во „Централ парк“ во Њујорк, а неговото балсамирано тело е изложено во Музејот на националната историја во Кливленд.

Напуштениот коњ Сибискит стана американски херој

Сибискит, веројатно, е најпопуларниот коњ во САД и беше дел од многу филмови, документарци и книги. Од него во почетокот не се очекувало многу, но полека го пронашол патот, победувајќи го на изглед непобедливиот трикратен носител на американската круна, коњот Воен Адмирал. Оваа победа го донесе до титулата коњ на годината во 1938 година во САД. Неговиот долгогодишен џокеј Ред Полард имаше своја приказна за големото враќање. Имено, и Сибискит и тој биле повредени и морале повторно да учат да одат, а на крајот се тркале заедно. Многумина мислеле дека нивната кариера е завршена, но тие го изненадиле целиот свет и победиле во последната трка, на хиподромот во Санта Анита.

Срнчето Бамби стана познато по дизниевиот филм од 1942 година

Веројатно кога ќе видите срна веднаш помислувате на Бамби, главната ѕвезда на истоимениот филм. Тоа име длабоко е врежано во нашата колективна свест и трае толку долго, бидејќи за многу луѓе тоа беше прво соочување со концептот на губење на родителите. Мајката на срнчето Бамби трагично загина кога лошите ловџии ја застрелаа. Ова е еден од најпознатите примери на склоноста на Волт Дизни кон создавањето анимирани ликови што растат без мајчина љубов.

Кучето Леси стана ѕвезда на романи, филмови, серии и видеоигри

Откако првпат се појави во кратка приказна во 1859 година, Леси беше прикажана во речиси секоја медиумска форма, а најпозната е по филмовите снимени во 1940-тите години и по серијата „Леси“, која имаше 19 сезони и се прикажуваше од 1954 до 1973 година.
Леси е шкотски овчар, верен пес и секогаш подготвен да им помогне на оние на кои им е најпотребна помош. Во поново време кучето Леси се појави во истоимениот филм од 2005 година.

Гарфилд ги мрази понеделниците подолго од 40 години

Најпрво мрзливиот мачор Гарфилд се појави како комичен стрип, но стана многу повеќе од тоа во текот на четирите децении, колку што другаруваме со овој симпатичен анимиран лик. Го гледаме на маици, часовници, телефони, постери, училишни тетратки, ранци… Се појавува во три серии, 12 специјали, два долгометражни филма, во кои гласот му го позајми Бил Мареј.

Мрмотот Фил го предвидува времето од 1800 година

Традицијата да се користат мрмоти за предвидување на временските услови е присутна од 1800 година, а името Фил му е дадено во 1961 година. Фил ги доби своите заслуги во 1993 година во филмот „Бескраен ден“. Дејството е сместено во градот Панксатони и се зборува за Денот на мрмотите. По неговото прикажување, градот стана познат во светот и досега го посетиле илјадници туристи што сакаат да го видат и да ја почувствуваат магијата на филмот.

Лајка беше првиот пес во вселената

Кучето Лајка стана светски феномен, откако Советскиот Сојуз во вселенското летало „Спутник 2“ во 1957 година ја испрати во космосот. Таа беше пронајдена на улиците на Москва, па бидејќи тогаш не се знаеше како дејствува вселената на животните, а во желбата да ги победат Американците во вселенската трка, Лајка беше испратена на ова патување, иако се знаеше дека нема да преживее. Официјално, таа загинала по четири дена минати во леталото. Но во 2002 година е откриено дека нејзиното срце престанало да чука само по четири часа, кога доживеала топлотен удар.
Големиот број споменици во Русија се изградени во чест на Лајка, вклучувајќи го и кипот во Москва, кој е поставен во 2008 година.

Мики Маус е најпознатото глувче во светот

Облеката на Мики Маус, насмевката, ушите, гласот, пред сѐ интелигенцијата и шармот го направија симбол на детството на многу генерации. Тој сѐ уште е забавен и магичен лик, кој е сеприсутен. Првпат се појави во 1928 година во краткиот анимиран филм „Паробродот Вили“, а тоа беше првпат ваков филм да има синхронизација и звук. Оттогаш поминаа повеќе од 90 години, а Мики сѐ уште е со нас.

Горилата Коко го освои светот кога го научи знаковниот јазик

Коко и неговата сопственичка Френсис Петерсон ги инспирираа луѓето во целиот свет кога горилата го совлада модифицираниот знаковен јазик. Таа докажа дека мајмуните не се толку различни од луѓето. Кога Коко загина во 2018 година, на 46-годишна возраст, луѓето во целиот свет тагуваа по него.

Гулабицата Шер Ами доби медал за храброст

Во текот на Првата светска војна гулабите играле важна улога во комуникацијата на бојното поле. Шер Ами имала една од најважните мисии во 1918 година, кога прелетала 40 километри за 25 минути, за да го спаси баталјонот на американските војници во Франција.
Иако гулабицата била ранета, таа продолжила да лета и стигнала до целта. Ослепела, ја загубила ногата, но издржала. Телото на Шер Ами е изложено во Националниот музеј на американската историја.