Многу активности, промоции, презентации, претстави се дел од програмата посветена на Горан Стефановски, кои се реализираа во неделата, во текот на целиот ден, во рамките на 58. МТФ „Војдан Чернодрински“. Горан Стефановски годинава е автор во фокус на фестивалот.
Почнувајќи од 10 часот, во киното „Мис Стон“ беше изведена претставата „Јане Задрогаз“, а во неа играа учесниците на едукативните работилници во рамките на програмата „Чернодрински за деца“, која се реализираше во текот на измината година.
Предводени од режисерот Милош Б. Андоновски и „Театар за сите“, а под менторство на актерите Игор Трпчески и Илија Волчески, млади театарски ентузијасти, заедно со професори ментори од прилепските гимназии цела година учеа и креираа. Во истиот термин беше отворена и детската зона, поддржана од фондацијата „Чекор по чекор“.
Во неделата започна и првата работилница во рамките на придружната програма на фестивалот, која ја води драматургот Ана Ристоска-Трпеноска.