Музичко-сценскиот спектакл за деца и млади „Пепелашка“ премиерно во Прилеп

Во центарот за култура „Марко Цепенков“

Танцовото студио и портал за современи изведувачки уметности „Зодијак“ од Прилеп, во партнерска соработка со центарот за култура „Марко Цепенков“, в сабота, на 24 септември, во големата сала, со почеток од 12 часот, премиерно ќе ја изведе новата хит-претстава за деца и млади со наслов „Пепелашка“.
– Поради малиот број изведби и продукции за најмладата публика во нашиот град, следејќи ги светските трендови по моделот на „Бродвеј“ и „Дизни“, сметаме дека со овој проект младите ќе имаат можност да сведочат за спектакл од светски рамки на македонски јазик, со кој наедно ќе се имплементираат нови песни (сонгови), како и нивно афирмирање и препознатливост. Бајката е проткаена со безброј случки, емоции и убави певливи песнички на македонски јазик, од вообичаената дизниева практика, убави разиграни кореографии и мизасценски решенија, колоритни костими, кои се уредно спакувани, пополнувајќи ги сите дупчиња во една детска магична сложувалка – вели Кире Миладиноски од танц-студиото „Зодијак“.
Со овој проект, покрај поставувањето текст од светската драматургија за деца и млади, афирмирајќи дело од странски автор на сцена, ќе се стимулира и македонското музичко творештво со нови музички аудиоизданија поставени на сцена на македонски јазик.

Преводот на текстот е на Благојче Николоски, додека за драматизацијата и адаптацијата на македонски беше задолжен Кире Миладиноски. Негови се и режијата, костимографијата, сценографијата, кореографија, куклите и сонговите, музиката е на Алан Менкен и на Томе Темелкоски, дизајнот на рекламниот материјал е на Петар Николоски, светло-мајстор и задолжен за сценски ефекти е Бобан Смилкоски, автор на видеорекламниот материјал е Љупчо Атанасоски, автор на аудиорекламниот материјал е Томе Темелкоски, додека гласовите ги позајмија: Лилјана Јованоска, Мирјанка Селчанец, Даниела Иваноска, Димитар Ѓорѓиевски и Благојче Николоски.
Во музичко-сценскиот спектакл играат: Бисера Гаралоска, Матеја Грујоска, Кристина Миноска, Анастасија Митревска, Теодора Велкоска, Михаил Јорданоски, Марта Шаркоска и Елена Џајковска. Оваа продукција е помогната од Министерството за култура и од локалната самоуправа на Општина Прилеп, а како копродуцент партнер е НУЦК „Марко Цепенков“, што наедно е матична сцена каде што работи танц-студиото „Зодијак“.

Ка.М.