Вашингтон отвора прашање за државното раководство на Украина во насока на затворање на судирот со Русија
- Американската порака до Зеленски е повеќе од политичка критика. Интересно е дека таа порака, упатена и од Трамп и од Маск, навестува обид за ново дефинирање на условите под кои би завршила војната со Русија
Изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека на Украина ѝ е потребен нов лидер претставува еден од најсериозните политички сигнали досега дека Вашингтон е подготвен да ја преиспита не само својата стратегија за завршување на војната туку и досегашната политичка конструкција врз која се потпираше украинскиот отпор.
Второ, поддршката што Илон Маск јавно му ја даде на Трамп дополнително ја засили пораката дека во американскиот политички врв се зацврстува ставот дека со актуелното раководство во Киев тешко може да се постигне посакуваниот договор со Москва.
Досегашниот модел на војување, дипломатското условување и политичкото конфронтирање со Русија не води кон исход што американската
администрација е подготвена бесконечно да го чека и финансира
Суштината на оваа порака не е само во личноста на Володимир Зеленски. Многу поважно е прашањето дали Вашингтон заклучил дека досегашниот модел на војување, дипломатското условување и политичкото конфронтирање со Русија не води кон исход што американската администрација е подготвена бесконечно да го чека и финансира. Трамп, очигледно, сака да ја преземе контролата врз политичката динамика околу мировниот процес. Во таа логика, лидерот на Украина повеќе не се оценува како до скоро, од неолиберален дискурс што го наметнуваа Брисел и Европската комисија, туку и според подготвеноста да прифати компромис што Вашингтон би го сметал за основа на договор со Владимир Путин.
– Американскиот притисок не може да се разгледува изолирано од поширокиот контекст. Вашингтон има свои стратешки приоритети, економски интереси и процени за тоа колку долго може да трае конфликтот без пошироки последици за американската надворешна политика. Кога Трамп истовремено бара промена на украинското лидерство и запирање на украинските напади врз руските нафтени рафинерии, станува јасно дека не станува збор само за персонална критика туку за обид да се влијае врз самата логика на војувањето – вели наш соговорник, универзитетски професор по меѓународно право и дипломатија.
Мировниот договор би можел да подразбира тешки отстапки за Украина
Во ваква рамка, мировниот договор би можел да подразбира тешки отстапки, особено во однос на териториите, безбедносните гаранции и идниот однос на Украина со Западот.
– Москва, од своја страна, има интерес да ги претвори воените придобивки во политички и територијални гаранции. Киев, пак, ќе видиме како ќе прифати договор што би оставил впечаток дека безбедносната иднина на државите зависи од волјата на големите сили, што отсекогаш било де факто голем дел од историската вистина. Токму затоа, евентуалната промена на украинското раководство не треба автоматски да се толкува како краток пат до мирот. Можеби – да, но да видиме кој би бил и како би се направило тоа. Од друга страна, ниту, пак, засега чувме дека постои гаранција дека Кремљ би се откажал од максималистичките барања само затоа што на спротивната страна би се појавило ново политичко лице – вели нашиот соговорник, универзитетски професор.
Во Украина, која е во воена состојба, прашањето за политичката промена е чувствително и правно сложено
Дополнителен проблем е демократскиот легитимитет. Во земја во воена состојба, прашањето за политичката промена е чувствително и правно сложено.
– Одлуката за тоа кој ќе ја води Украина мора да произлезе од украинските институции и од волјата на украинските граѓани, во согласност со уставниот поредок. Ако Вашингтон се обиде да ја наметне промената како предуслов за мир, ризикува да создаде впечаток дека украинскиот суверенитет е предмет на договор меѓу големите сили. Затоа, вистинскиот тест за американската иницијатива нема да биде дали Зеленски ќе замине, туку дали Вашингтон ќе успее да изгради рамка во која прекинот на огнот ќе биде проследен со веродостојни безбедносни гаранции, политички прифатливи услови и механизми за спречување нова војна – тврди нашиот соговорник од позиции на правен легалитет и легитимитет на промени како што застапува Вашингтон, додавајќи дека Европа, исто така, не може да остане настрана.
– Доколку САД го променат пристапот кон Киев, европските држави ќе мора да одлучат дали ќе ја следат американската линија, ќе се обидат да ја ублажат или ќе преземат поголема одговорност за Украина. Тоа би можело да стане една од најважните последици од новиот американски притисок. Во конечниот исход, промената на лидерството може да биде дел од политичката трансформација што ќе ја придружува мировната спогодба, но не и нејзина замена. Мирот не се постигнува само со отстранување на еден претседател, туку со усогласување на интересите, ограничување на воените амбиции и воспоставување услови во кои ниту една страна нема да верува дека продолжувањето на војната носи поголема корист од договорот – вели професорот.
Крајот на конфликтот веќе е договорен?!
Според соговорникот, пораката од Вашингтон, според тоа, треба да се чита како најава за можна промена на пристапот, а не како доказ дека крајот на конфликтот веќе е договорен.
– Украина се наоѓа пред исклучително тешки политички одлуки, но и Русија ќе мора да покаже дали навистина е подготвена за компромис, а не само за капитулација на противникот. На крајот, клучното прашање не е само кој ќе ја води Украина туку каков мир ќе биде понуден и по која цена. Ако промената на лидерството треба да послужи како средство за отворање преговори, нејзината смисла ќе зависи од резултатот. Ако, пак, стане цел сама за себе, тогаш ризикот е политичката криза во Киев да се продлабочи, додека војната продолжува. Затоа, вистинската пресвртница нема да биде евентуалното заминување на Зеленски, туку моментот кога Вашингтон, Москва и Киев ќе покажат дека се подготвени да ја заменат логиката на воениот притисок со договор што ќе може да опстои и по заминувањето на денешните политички лидери од Киев – анализира нашиот соговорник, универзитетски професор по меѓународни односи и дипломатија. Р.С.
































